Резултатот од оваа матура е многу добар (4) за разлика од предминатата година кога оценката беше добар (3). Тоа покажува дека матурантите успеале да постигнат повисоки резултати и покажале дека тоа е возможно и со онлајн-наставата, и покрај отежнатите услови, рече директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Елизабета Наумовска на денешната прес-конференција, соопштувајќи ги резултатите од тестовите на речиси 15.300 матуранти кои полагаа минатиот месец. Резултатите од 12 часот се објавени на огласните табли во училиштата и во системот „матура.гов.мк“.
Средната оценка на државно ниво изнесува 3,61, додека во 2019 година била 3,48.
Просечната оценка од испитот по македонски јазик и литература е 3,93, а полагале 10.647 матуранти (во 2019: оценката била 3,69). Средната оценка по албански јазик и литература е 3,59, полагале 3.873 (во 2019: 3,85); по турски јазик и литература постигната е средна оценка 3,57 од 253 матуранти кои полагале (во 2019: 3,73), по англиски јазик средниот успех изнесува 2,82 од 13.033 што полагале (во 2019 успехот бил 3,07); француски јазик полагал 31 ученик и забележана е просечна оценка 4,58, а пред две години успехот бил 4,61; германски јазик полагале 135 ученици со средна оценка 4,56 (во 2019 е постигната 4,41), а руски јазик полагале 18 матуранти забележувајќи просечна оценка 4,78, за разлика од 4,07 во 2019 година.
Математика полагале 1.510 матуранти со среден успех од 4,07, што е подобро од 2019-та кога е постигнат 3,66. Во уметничките училишта вториот екстерен предмет филозофија односно естетика. Филозофија полагале 13 матуранти постигнувајќи средна оценка 4,23 (во 2019 успехот бил 3.89), а естетика полагале 63 матуранти кои забележале просечна оценка 4,03, за разлика од 4,38 пред две години.
Само двајца ученици пријавиле дека се спречени да полагаат поради изолација, додека еден се јавил за дополнителниот рок што ДИЦ го овозмои на крајот на јуни.
Матурантите имаат право на приговор до среда, со уплата од 1.500 денари. На интернет-страницата „матура.гов.мк“ има достапни формулари и информации како да се достават приговорите.
Од среда комисии на ДИЦ ќе ги разгледуваат приговорите и на 12 јули ќе бидат соопштени конечните резултати од јунската испитна сесија.
Тие што ја положија матурата ќе може да се запишуваат на факултет, а за оние што не ја положиле или не во целост, следната сесија за полагање на екстерните испити е на 11 и 13 август. Наумовска истакна и дека ДИЦ подоготвува нова концепција за државна матура што би се применувала од идната учебна година.
Годинава, на матурантите им беше овозможено да полагаат два наместо три екстерни испити и по скратени наставни програми. Покрај екстерни, тие имаа и два интерни предмета и проектна задача.