СТРЕЛАШТВО – СВЕТСКИ КУП ВО НОВИ САД,
Медалот е освоен во дисциплината спорт пиштол од 25 метри (П3), откако во финалето имаше 25 погодоци. На СК во Нови Сад, Александар Јовановски постигна личен рекорд од 531 круг
Македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова по златниот медал на Светскиот куп (СК) во стрелаштво во Нови Сад, пред почетокот на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио годинава (24 август-5 септември), на вториот натпреварувачки ден се закити и со сребро, во дисциплината спорт пиштол од 25 метри (П3).
Таа во финалето се пласира по освоеното четврто место во квалификациите, со резултат од 554 круга (поединечно 90, 89, 93, 94, 94, 94), колку што имаше и третопласираниот Живко Папаз од Србија, но со помалку т.н. внатрешни центри (седум).
Во финалето, во конкуренција на седум учесници на ПОИ во Токио, со вкупно 25 погодоци (тоа се погодоци во вредност од најмалку 10,2 до 10,9 – н.з.), го освои второто место. Првото место му припадна на Олекциј Денишчук од Украина, со 32 погодоци, а третото на Јоаким Норберг од Шведска, со 21 погодок.
Ванчо Каранфилов го освои деветтото место, со 548 круга, колку што освои и осмопласираниот Давид Оклер од Франција, кој се пласира во финалето поради поголемиот број внатрешни центри (10-7). Третиот македонски натпреварувач, Александар Јовановски постигна личен рекорд од 531 круг и натпреварот го заврши на 11-то место, од вкупно 18 натпреварувачи.