ОХРИД

Како што информираат од локалната самоуправа, од утре ќе бидат ставени во функција рампите за влез и излез во стариот дел на градот.
Ваквата одлука значи дека моторните возила ќе може непречено да сообраќаат, само доколку поседуваат картичка за движење во овој дел од градот. Оваа мерка е дел од утврдениот режим на сообраќај за старото градско подрачје и Правилникот за издавање картички за движење на моторни возила, информираат градските власти.
Постојните картички, за кои не е извршена навремена пререгистрација во согласност со повикот на Општината, кој беше објавен на 20.5.2021 година, ќе бидат поништени и неважечки. Функционирањето на рампите ќе биде регулирано со 24-часовно физичко обезбедување и ќе биде под постојан видеонадзор – стои во соопштението за јавноста.
Правните лица ќе може да вршат дотур на стока во стариот дел на градот само преку влезот кај „Горна Порта“, во утринските часови во периодот од 5 ч. до 10 часот. За такси-компаниите што вршат такси-превоз нема да бидат издавани посебни картички и тие ќе бидат пропуштани во стариот дел на градот исклучиво само од влезот кај „Горна Порта“.
Гостите во сместувачките капацитети ќе може да влезат со своите возила во стариот дел на градот, само за да извршат истовар на патници и багаж. Доколку возилата бидат непрописно паркирани, ќе бидат отстранети со асистенција на пајак-службата, предупредуваат локалните власти.