Претседателот Стево Пендаровски, утре и задутре ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Хрватска, информираа од неговиот кабинет.
Утре во Загреб, претседателот Пендаровски со државни и воени почести ќе биде пречекан од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на Република Македонија и Република Хрватска.
Претседателот Пендаровски ќе оствари средби и со претседателот на Парламентот на Република Хрватска, Гордан Јандроковиќ и со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Во четврток, според најавите, Пендаровски ќе се обрати на билатерална деловна средба – со фокус на инвестиции, која се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.
За време на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска.