Италијанската фудбалска репрезентација синоќа постави нов национален рекорд од 31 меч без пораз, откако успеа да се пласира во четврт-финалето на Европското првенство со победата над Австрија од 2-1 по продолженија на „Вембли (беше 0-0 по 90 минути игра). Резервистите Федерико Киеза во 95-та минута и Матео Песина во 105-та минута беа стрелци за Италија, додека Саша Калајџиќ во 114-та минута го постигна единствениот гол за Австрија.
„Аѕурите“ беа во слична низа и во 1937 година кога споија 30 меча без пораз пред мечот во Виена во рамки на тогашниот Централноевропски куп. Италија губеше од Австрија по 74 минути кога средбата беше прекината поради проблеми со навивачите. Италијанската репрезентација потоа беше непоразена во следните две години, освојувајќи го и Светското првенство во 1938 година.
Сега избраниците на селекторот Роберто Манчини ќе се обидат да дојдат до сличен успех како и во 1938 година, овој пат на ЕП. Тие моментно се втори фаворити за освојување на континенталниот шампионат според обложувачниците. Последниот пораз што „аѕурите“ го претрпеа беше од Португалија на гости, во Лигата на нациите во 2018 година. Италија игра како препородена под водство на селекторот Роберто Манчини, кој ја презема националната селекција по неуспехот во квалификациите за Светското првенство во 2018 година.
Згора, италијанските фудбалери успеаја да соборат и светски рекорд стар 47 години, според времето без примен гол кога станува збор за репрезентативната конкуренција. Тие го надминаа постигнувањето кое го оствари генерацијата на Италија со легендарниот голман Дино Ѕоф од 1972 до 1974 година, која беше без примен гол точно 1.143 минути.
Многумина уште се сомневаат во способностите на „аѕурите“ тврдејќи дека немаат големи ѕвезди во тимот, но Италија ќе има можност да го докаже квалитетот во четврт-финалето во кое ќе се соочи со подобриот од вечерашниот дуел помеѓу Белгија и актуелниот европски првак Португалија (од 21 часот). Денеска во осминафиналето се среќаваат и Холандија и Чешка (од 18 часот). Вчера во четврт-финалето се пласираше и Данска која беше подобра од Велс со 4-0.