Во Истанбул денеска свечено беше поставен камен-темелник за изградба на мостот Сазлидере, првиот мост oд мега-проектот за изградба на Истанбулскиот канал, кој, паралелно со Босфорот, ќе ги поврзува Мраморното и Црното Море.

„Денес вртиме нова страница во историјата на развојот на Турција. Ние го гледаме Истанбулскиот канал како проект за спас на иднината на Истанбул“, рече турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган на церемонијата.

Потсетувајќи дека во 30-тите години на минатиот век, просечно 3.000 бродови пловеле по Босфорот на годишно ниво, Ердоган рече дека сега тој број се зголемил на 45.000 и дека се проценува дека ќе се зголеми на 78.000 до 2050 година, пренесува агенцијата „Анадолија“ .

– Навигацијата на секој голем брод низ Босфорот претставува сериозен ризик за градот. Босфорот од сите страни е точка на голема фреквентност на бродови од сите категории – рече Ердоган.

Турскиот претседател нагласи дека мега-проектот за изградба на Истанбулскиот канал е, меѓу другото, неопходен за зачувување на историското и културното ткиво на Босфорот.

– Сегашната траса на Истанбулскиот канал беше избрана врз основа на научни анализи како најразумна и најефикасна меѓу петте понудени – рече Ердоган и додаде дека каналот ќе биде долг 45 километри, широк најмалку 275 метри и длабок 21 метар.

Претседателот посочи дека сите истражувања покажуваат оти бродскиот сообраќај во Истанбулскиот канал ќе биде 13 пати побезбеден отколку во Босфорот.

– Нашата цел е да го завршиме Истанбулскиот канал за шест години и по цена од близу 15 милијарди долари – рече Ердоган.

Тој исто така додаде дека мега-проектот за изградба на Истанбулскиот канал ќе се реализира на начин што ќе биде еден од најеколошките проекти, не само во Турција, туку и во целиот свет.

Долж каналот, кој ќе се протега по европскиот дел на Истанбул ќе бидат изградени шест моста, а на неговите брегови ќе бидат изградени два града со население од половина милион луѓе.