Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител открива дека Заев на состанок во Бугарија кажал разговорно дека смета дека Бугарите и Македонците се ист народ и зборуваат ист или сличен јазик, за потоа да вели дека тоа е само лично мислење, иако како премиер тој претставува држава. Николоски посочи дека тоа е тој нечесен однос на Заев, едно во јавност, друго на состаноци.
Според Николоски, Македонија во следниот период треба да направи три работи.
– Прво една јасна и сериозна дебата што со иднината на државата, но не со прес конференција, туку преку широка дебата со сите општествени структури. Сметам дека е грешка што минатата година претседателот Пендаровски ја одбил идејата за членство во Европската економска заедница, затоа што на крајот на денот граѓаните сакаат да станеме членки на ЕУ за подобро да живеат, рече Николоски.
Тој посочи дека втората работа се интензивни реформи внатре и во владеење на право и во дел на економија и искористување на европските фондови.
– Мене во вторникот ми беше потврдено дека една од причините зошто брзата железница завршува на границата со Србија, поддржана од ЕУ и која не продолжува до Скопје е затоа што нема проект. Значи министерството за транспорт и врски нема проект за брза железница која би почнувала на српска граница и би завршувала на грчка граница. Зборувам за ова со месеци, потенцира Николоски.
Тој додаде дека третата работа во однос на разговорите со Бугарија е дека мора да се има чесен однос, а тоа е да им се кажат на политичарите во Бугарија кои се позициите на Македонија, а не едно да се зборува во јавност, а друго да се зборува на состаноци.
– Една информација која не е споделена во јавноста. Не знам дали Заев како премиер е свесен дека кога на состанок има повеќе од едно лице на другата страна се водат белешки. На најмалку два состаноци од кои еден во Бугарија, кажал разговорно дека според него мисли дека Бугарите и Македонците се ист народ и зборуваат ист јазик. За потоа да се коригира во официјалниот дел дека тоа е мислење лично а не на државата. Не може премиер да има лично мислење, тоа влегува во белешки. Како што видовме од врвниот бугарски интелектуалец кој кажа дека не е точно дека Бугарија ништо не испорачала кон Заев, туку му помогнала да дојде на власт – нагласи Николоски.