Што може да добие Македонија под таа зелена заштита? Со преземањето на еколошките прашања и проблеми во свои раце, ДУИ ќе управува со сите води во државата, со езера, реки и извори. Партијата преку своите министри ќе решава за заштитата и користењето на сите шуми и планини, за минералните суровини и националните богатства. ДУИ ќе биде распослан од Шар Планина до Галичица, од Кожув до Пелистер, од чиста Треска до загаден Вардар
Што ни се случува и во што да веруваме
Демократската унија за интеграција (ДУИ), најмоќната и недопирлива владејачка партија во Република Македонија, ја смени бојата, од сина премина на зелена. Али Ахмети, нејзиниот претседател, не е млад и зелен кадар за да преземе незрел чекор. Како и секогаш, во овие дваесет години откако е излезен од шума, редовно знае, за разлика од многумина политичари Македонци, од каде и на каде дува ветрот. Со тој осет не само што ја врти капата туку и ја накривува удобно уживајќи во диваните на политиката. Тој, со својата најава, леден како мраз, ги вжешти еднакво своите сојузници и своите противници, способност што ја демонстрира секогаш кога е потребно или кога му е даден некој сигнал. ДУИ ја смени бојата, но прашање е дали ќе ја менува програмата на партијата, програма што досега им носела победнички триумфи во албанската политичка средина и ги држела на власт. Преку зелената боја, само како еколошки амблем, умешно го следи трендот на јакнење на зелените партии во Европската Унија и нивните успеси при последните гласања за парламентарни избори. Зелените јакнат во Германија, Франција, Британија и во други земји, учествуваат во влади, имаат градоначалници, тие се во незадржлив пробив и им одземаат гласови на традиционалните партии, чија доминација слабее, особено кај младите. За последните триесет години, нивното учество во Европскиот парламент се зголеми за околу 50 отсто, нивниот глас сѐ повеќе се слуша. Прашањата од екологијата ги дополнуваат со практична политика од другите области со што влијаат во донесувањето одлуки и во други сфери.
Поблиску до Унијата и до парите
Во земјите на Унијата нема партија што не се занимава, што не ѝ дава значење на екологијата. И највисоките институции им даваат предност на еколошките проблеми, одделуваат или подготвуваат многу поголеми буџети. Не мора да значи дека ДУИ уште од далеку го намириса вкусот на парите, но познато е дека се подготвуваат низа високобуџетни проекти што ќе ја опфатат и Македонија. Унијата го најави „Зелениот договор“, по кој близу една третина од своите фондови ќе ги намени во борбата против климатските промени, намалувањето на штетните последици од јаглерод диоксидот и заштитата на човековата околина. Предвидени се милијарди евра, ДУИ под превезот на зелена партија со нетрпение ќе го чека тој колач.
Што може да добие во Македонија под таа зелена заштита? Со преземањето на еколошките прашања и проблеми во свои раце, ДУИ ќе управува со сите води во државата, со езера, реки и извори. Партијата преку своите министри ќе решава за заштитата и користењето на сите шуми и планини, за минералните суровини и националните богатства. ДУИ ќе биде распослан од Шар Планина до Галичица, од Кожув до Пелистер, од чиста Треска до загаден Вардар. За кратко време, по барање на Унијата, ќе треба да решава за затворањето на „Осломеј“ и РЕК „Битола“, објекти за чие затворање ќе треба да се потрошат пари колку и за изградбата, за затворање на старите и отворање нови скапи депонии. Преку договори, концесии врз нив или над нив, што значи со сите тендери, продажби, приватизации, јавно-приватни партнерства, грантови и слични постапки, кои на крајот го добиваат епитетот на „дубари“, ќе вртат големи јавни и подземни пари. Бизниси големи, долгорочни и исплатливи за преговарачи. Наместо златното во кое досега живееше, бујно ќе разлисти зеленото време на ДУИ и Али Ахмети, не малку вредно од златното.
Наметката на Мухамед и свилената визија
Во симболиката зелената боја е означена како најмирната од сите бои, боја без радост, но и без тага, низ која не се чувствува ни болка ни страст. Од друга страна, особините на зелената боја наведуваат на помисла дека таа крие некоја тајна, дека симболизира некое подлабоко, окултно познавање на нештата и на судбината. Таа окултност се поврзува со зелената боја на Марсовците, зелените човечиња со зелена крв за кои сите зборуваат, а прашање е дали некој ги видел. Во семејството на боите зелената е она што е буржоазијата меѓу луѓето – еден неподвижен свет, задоволен човек што ги пресметува своите постапки и ги брои парите.
Зелената е боја на една од најраширените религии во светот – на исламот. Знамето на исламот е зелено. За муслиманите таа боја претставува знак на спасот, симбол на најголемите материјални и духовни богатства. Велат дека зелена била наметката на Мухамед, божјиот пратеник, и дека во случај на опасност под неа се криеле неговите директни потомци – ќерката Фатима, зетот Али и нивните две деца Хасан и Хусеин и оттука ги нарекуваат „четворицата под наметката“. На Алаховиот пратеник таа му била омилена боја, често ја споменувал во делата. Стих од Куранот рајот го опишува како место каде што оние што ќе се преселат таму „ќе носат зелена облека од фина свила“. Кога умрел бил покриен со зелено платно, таа боја денес е на знамиња и грбови на повеќе исламски држави. Би било претерано да се верува дека Али Ахмети добил во сонот ишарет од Алах партијата да ја обои во зелено, но кој и да му го дал тој предлог бил човек со визија, ем свилена, ем како гајтан плетена. Визија што ги споделува модерните еколошки движења во западниот свет, но истовремено ја афирмира и потврдува религиската, чистата исламска припадност на членството на ДУИ. Колку што таа партија ќе ја препознаваат по зелената боја како еколошка, толку ќе ја третираат и како исламска.
Ванчо Михајлов прв – Али Ахмети втор
Освен што ја смени бојата на партијата, Ахмети најави дека од Македонија ќе направи Швајцарија, ветување што го даде како великодушен партиски роденденски подарок за граѓаните на Македонија. Како бивш тамошен печалбар и долгогодишен (и сегашен) корисник на швајцарска инвалидска пензија, наводно од три илјади франци, Ахмети не мора да спие на зелени перници и да гази на персиски килими за секоја вечер да му се јавуваат шарени соништа за таа планинско зелена земја. Но за негова несреќа, ако може да се оквалификува како несреќа, не е првиот од македонските простори што е опфатен од тој недосонуван сон. Тој возбудлив, немирен, авантуристички кошмарен сон, секоја вечер му предизвикуваше ноќни мори на Ванчо Михајлов, Македоно-Бугарин, контроверзна личност во македонската историја. Михајлов напиша обемна книга, сонуваше за Македонија како Швајцарија на Балканот и во тоа име ликвидира, уби, масакрира цела една генерација македонски револуционери и дејци што ја сакаа слободна Македонија како Македонија, ни бугарска, ни српска, ни грчка. Се знае, доколку победеше Хитлер, Михајлов ќе владееше со Македонија и денес сѐ ќе беше поинаку. Тешко е да се поверува дека соништата на Али се слични со оние на Михајлов, но едно е сигурно – за да се стигне до Швајцарија треба да се преминат големи планини и длабоки мориња, иако Швајцарија нема море.
Швајцарскиот сон и македонското јаве
Но зошто тој сон е кошмарен, проследен со контроверзии и несоници? И зошто Македонија (Северна) не може да биде нова Швајцарија, најмалку преку Ахмети, неговата партија и сегашните меѓународни околности? И зошто таа фрлена шеќерлема може да има повеќе горчина одошто благ вкус?
Прво и основно: Швајцарија не е членка на НАТО и на ЕУ. Ниту сака да биде, не сака да си го загуби својот неутрален статус. Швајцарија е конфедерација, поделена на 26 кантони, Македонија засега не е. Ако тој швајцарски модел на државно управување е планирано да се пренесе во Македонија преку ДУИ, нејасно е зошто на таа мудро смислена стапица се израдуваа Социјалдемократскиот сојуз и неговите сателити. Швајцарија е една од најразвиените држави во светот, со најголемо номинално богатство по возрасно лице. Таа се вбројува меѓу првите десет мерено по неколку перформанси, како што се: транспарентност на Владата, граѓанските слободи, економската конкурентност, квалитетот на животот, хуманиот развој. По овие перформанси, Швајцарија е далеку колку Марс, а Македонија нема сателити, освен во некои политички глави.
Религиски е поделена на христијани, католици и протестанти. Со исламска вероисповед (главно Албанци доселени од Косово и од Македонија) се избројани нешто над четири отсто жители. Швајцарија ги дозволува сите религии, но е уплашена од ширењето на исламот и покрај малиот процент на негови припадници. Уште пред единаесет години донесе забрана за градење минариња повисоки од висината на џамиите и емитување гласни молитви што ги вознемируваат граѓаните. Само пред три месеци беше спроведен референдум, на кој граѓаните со тесно мнозинство изгласаа забрана за носење шамија, никаб и бурка, симболи за женската припадност на муслиманството. Забраната за покривање на лицето треба да биде внесена во Уставот. Актуелната влада, парламентот и поголемите партии ги повикуваа граѓаните да гласаат против, но победи граѓанскиот глас, таму резултатите од референдумите се светост.
Поезија: зелените лисја и розата
Сакале-нејќеле се поставуваат низа дилеми што од овие швајцарски добри страни и лоши искуства ќе биде пренесено во Македонија за да почне да личи на оваа земја прочуена по млекото, чоколадото и парите, но и по граѓанската дисциплина и одговорност во владеењето. Ќе направи ли Македонија економски бум за неколку години или ќе ѝ требаат векови колку што ѝ требаа на Швајцарија за да биде тоа што е денес? Ќе ги подобри ли стандардот и квалитетот на животот, во Тетово или во селото Гајре, да речеме, макар како мал експеримент чии ефекти подоцна ќе ги користат Струмица и Берово, на пример. Ќе има ли сила да ги скрати минарињата, да ги забрани гласните молитви на оџите? Сите овие нафрлени прашања ја покажуваат тенката кожа на дајрето со кое удираат ДУИ и нејзиниот лидер, пеејќи ја песна „Македонија – Швајцарија на Балканот“.
За крај нешто што е испуштено во делот од текстот каде што се говори за симболичните значења на зелената боја. Таа реченица што требаше да биде напишана во тој пасус гласи „Розата цвета меѓу зелените листови“. Низ оваа лирско-поетска метафора може да се објасни успешното коалицирање меѓу ДУИ и СДСМ, каде што ДУИ се лисјата, СДСМ е розата, според нејзиниот симбол. Секој што е склон кон разумен компромис што носи успех, секако дека ќе го поздрави македонскиот пат кон Швајцарија, колку тој и да е дел од некоја измислена приказна, далечна бајка или плодна нива на која никнуваат само шарени лаги за мали деца.