„Модата и стрипот“ е насловот на изложбата, која во Музејот на Риека е отворена во рамките на манифестацијата „Риека 2020“ – Европски град на културата, по повод 100-годишнината на Францускиот институт на Универзитетот во Загреб. Изложбата доаѓа од Музејот на стрипот во Ангулем. Taa на посетителите им нуди увид во повеќе од стотина експонати: цртежи, облека, модни додатоци, парфеми и различен вид публикации.
Меѓу преостанатите експонати до средината на јуни може да се види и некој од првите дизајнерски цртежи на светски познатиот дизајнер Ив Сен-Лорeн, на Кристијан Диор, на Тери Миглер, кои своите колекции прво ги создавале на хартија и кои претставуваат значајна цртачка традиција во француската висока мода. На изложбата, меѓу другото, се прикажани дела на американскиот автор на стрипови и пионер на анимираниот филм, Винзор Мекеј, како и никогаш претходно видениот стрип „Лулу Лошката“ („Naughty Lulu“) – единствен што го нацртал дизајнерот Ив Сен-Лорен.
Меѓу атрактивните експонати, кои со оваа сосема нова тема ги истакнуваат улогата и местото на стрипот во сите сегменти на уметноста, изложен е и оригинален фустан на Диор, исто така создаден под влијание на деветтата уметност. Особено атрактивен е и графичкиот роман „Жен фил он Диор“ („Jeune Fille en Dior“) на познатата цртачка Ани Гатцинер, која ја следи авантурата на развојот на престижната модна куќа во последното десетлетие од животот на Диор, од 1947 до 1957 година, низ невиниот и воодушевувачки поглед на младата новинарка. Музејот на стрипот во Ангулем е единствен во Европа, а располага со 14 илјади изворни табли и цртежи, печатени и аудиовизуелни изданија, како и со различни други предмети тесно поврзани со стрипот. Тука спаѓаат и предмети позајмени од јавните и од приватните колекции, од музејските установи, модни куќи, галерии, исто така и од збирките на одделни собирачи и уметници.