Етика за млади

Едно дете, живо како и сите други на негова возраст, понекогаш претерува во однесувањето. Премногу вика, не се смирува и силно реагира. Не ги повредува луѓето околу себе, но е мошне активно и им пречи на другите. Тоа може да се случува секогаш и секаде, и дома и надвор, а понекогаш само дома или само надвор.
Ако е надвор од дома, на училиште, тогаш на оние со кои тоа го минува половина ден, ова дете им го одзема времето, не им дава да учат или им пречи во тоа. Чкрта по клупите и ги уништува учебниците, книгите и тетратките. И учителите и другарчињата му кажуваат дека е доста, но тоа не ги слуша.
Ако при играњето околу куќата, детето се криви повеќе од другите, ги вознемирува соседите, ги крши дрвјата, ги кине цвеќињата во градините или ги малтретира животните, фрла камења по прозорците и ги шара ѕидовите, ги чепка кутиите и кантите за ѓубре, ги истура и расфрла, со спреј пишува пароли или знаци што не можат да се избришат, фрла петарди, соседите го караат и го пријавуваат кај домашните, но нему не му е грижа.

Ако палавоста се случува кај роднините и пријателите, тие посакуваат да не го викнале детето дома. Тоа се качува на столовите, масите, на креветите, пребарува по фиоките и орманите, истура од понуденото, вика, ги навредува блиските… Роднините им се жалат на родителите, а кога ќе си заминат, решаваат веќе никогаш да не ги викаат на гости.
Тоа е често поведение на претерано живи и невоспитани деца и многумина го осудуваат.
Но детето може да биде мирно на други места, а дома ни минутка да не седи, без прекин да фаќа разни нешта. Сѐ отвора, поместува, расипува, не запира со зборување, се задева и кара со блиските. Се качува на орманите, вади предмети и ги растура, ги заборава своите играчки наоколу. Не слуша ништо што ќе му кажат.
Што е подобро, да се биде непослушен дома или надвор? Најдобро е да не си лош никаде, да си културен и воздржан, да оставиш впечаток на умно и воспитано дете. Ниту предметите, ниту луѓето постојат за да бидат малтретирани. Најдобро е да се воздржуваш од палавост, од повредување на другите со зборови и однесување.
Вистински начин на истакнување на себеси е ако тоа го правиш со својата добродетел, во мир и без бучава.
Така е најдобро за сите, па и за самите дечиња. Тие да не прават лоши нешта никаде – ни дома ни надвор.

проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Пристојноста е вистинскиот почеток на моралноста.

Андре Конт-Спонвил, француски филозоф