Беше прекрасен јунски сончев ден. Сонцето утрово „ѕирна“ порано од вчера. Ме расони зракот што трепереше меѓу лисјата. Тие пак, лисјата, играа на нежното ветре. Де го криеја, де го пропуштаа зракот. Ги протегнав крилјата и летнав кон потокот. Се испрепелкав во водата и добро се расонив. Дури тогаш ги забележав неколкуте жаби што дремеа на утринското сонце. Чинам, уживаа.
Отидов да појадувам. Наш „ресторан“ беше старото дабово дрво. Ние си го викавме „Кај стариот“. Таму се собиравме секое утро, пладне, приквечер. Имаше по малку за сите. Јас најмногу ги посакував малите црвчиња. Тие беа највкусни. Всушност, јас најмногу ја посакував Џина, но таа, за жал, воопшто не сакаше црвчиња. Таа уживаше во дренките што беа насекаде околу „Стариот“.
Додека се галев со црвчињата, и онака, подоко, ја ѕиркав Џина, нешто ми пролета над главата. За малку ќе ми го расипеше перчето, кое цело утро го токмев токму за неа. Ја подигнав главата и се здрвив: одоздола доаѓаше цел чопор деца, шутираа со разнобојни топки, фрлаа шарени чинии што ги нарекуваа „фризби“, мавтаа и викаа… Летнав високо, толку високо што ми се заврте во главата. Што да видам: зад нив, насекаде расфрлани кеси од смоки и чипсови, пластични шишиња и лименки…
Во таа викотница и збрка, жабите ги снема за миг. Но успеав да ја видам Џина како избезумено лета кон врвот на највисокиот бор.
Одеднаш се појавија две учителки, кои почнаа да ги караат децата. Им објаснуваа дека природата мора да се чува и за следната година. Им кажаа дека ако сега ја уништат, в година ќе нема каде да одат на излет. Им се заканија дека в година „излетот“ ќе го имаат во училница и таму ќе ги цртаат природата, убавите полјани, шарените птици, смешните жаби…
Затоа многу ги сакам учителките. Мојата најмногу. Таа ме учеше секогаш да бидам дел од природата – тоа е природно.

Интересни факти

Клукајдрвецот има многу долг јазик. Кај некои видови е дури двојно поголем од самата глава. На врвот има заострен израсток, со чија помош успеваат да ги извадат и најскриените црвчиња, ларви и инсекти од под кората и стеблото на дрвјата. Токму затоа, клукајдрвецот е еден од најбудните чувари на шумата.


За авторот

Ивица Маринковиќ, алијас Ивце Пивце, веќе четврт век постојано другарува со децата. На почетокот како уредник и водител на детски радиоемисии, потоа како уредник на детско списание, каде што истовремено објавува и свои текстови, а најголема популарност доживеа како автор и водител на телевизиски емисии за најмладите, меѓу кои најгледана беше „Ај ти замижи“. Беше и надворешен соработник на додатокот за деца „Колибри“, а сега е професор во средно училиште, бидејќи, како што вели, никогаш не е доцна за нови животни искуства. Освен „Чај од мајчина душичка“, Ивце Пивце е автор и на книгата „За можење можам, но дали смеам“.