Поротата во суд во Вашингтон денеска го почна четвртиот ден на одлучување во судскиот процес против Пол Манафорт, американски лобист кој беше шеф на изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп. Манафорт е еден од соработниците на Трамп кои се најдоа обвинети за различни кривични дела, во неговиот случај, тој се товари за поднесување лажни даночни пријави, криење на сметки во странски банки и банкарска измама.
Ова е досега најзначајниот судски спор покренат врз основа на истрагите на обвинителот Роберт Малер, кој беше именуван да ја истражи наводната поврзаност на Трамп со руските политички и безбедносни кругови. Манафорт бил застапник на повеќе руски политичари, партии и компании во Вашингтон, каде дејствувал како регистриран лобист. Рик Гејтс, долгогодишен партнер на Манафорт, сведочеше против него, а политичките противници на Трамп изразуваат надеж дека е можно Манафорт, кој е затворен во самица, да се сврти против Трамп и да даде исказ против претседателот.
Поротата неколку дена ги разгледува доказите на обвинителите и одбраната на Манафорт, а одбраната на Манафорт реагираше откако телевизијата Си-Ен-Ен побара од судот да ги добие имињата и адресите на поротниците, чекор што според одбраната може да се сфати како обид за јавен притисок врз нив да го осудат Манафорт. Самиот Трамп повеќе пати обвини дека истрагата е политички мотивирана, од страна на обвинители блиски до поразената кандидатка Хилари Клинтон.
Малер препорача обвинителството во Њујорк да отвори случај и против Тони Подеста, брат на Џон Подеста, шефот на изборниот штаб на Клинтон. Тони Подеста, преку неговата голема лоби компанија наречена Групата Подеста, соработувал со Манафорт и во 2015 година заедно ја претставувале украинската про-руска Влада во Вашингтон.