Откако поради пандемијата не беше извршена планираната реконструкција на улицата Борис Кидрич во Кичево минатата година, планираниот зафат ќе започне кон средината на јуни. За оваа намена се обезбедени 400.000 евра, средства од Европската банка, кои ќе овозможат оваа важна сообраќајна артерија да добие целосно нов изглед и овој дел од градот целосно да го промени својот лик.
Во рамките на програмата на Општина Кичево за годинава, во план е целосна реконструкција на улицата Борис Кидрич, која треба да започне кон средината на јуни. За оваа улица, со должина од околу 1.000 метри, обезбедени се 400.000 евра средства од Европската банка за обнова и развој – информира Емин Насуфи од Општината.
Тој посочи кои зафати ќе бидат извршени при оваа реконструкција на улицата.
Најпрво ќе бидат отстранети сите привремени објекти што се наоѓаат на оваа улица од пред општинската зграда и училиштето „К.Ј. Питу“, а реконструкцијата ќе опфати изградба на нови тротоари, два паркинг-простори на местата од привремените објекти, осветлување со нови лед-светилки од двете страни на улицата, коловоз со широчина од 9 метри, како и нов асфалт по целата должина на улицата, а од претходно на неа е изградена нова водоводна и канализациска мрежа – рече тој.
Реконструкцијата на оваа улица е еден од капиталните проекти за годинава, по што во Кичево сите клучни сообраќајници ќе бидат целосно реконструирани а градот ќе добие неспоредливо поубав лик. Во градот се отстрануваат привремени објекти и на некои други локации, што ќе придонесе бројот на паркинг-места во градот да се зголеми.