КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“

Кошаркарите на МЗТ Скопје го совладаа Работнички во 28-то финале на домашниот куп „Благоја Георгиевски-Буштур“, со 77-69 (23-12, 14-16, 18-23, 22-18), и по 10-ти пат го подигнаа победничкиот пехар во својата клупска историја, со што се израмнија по бројот освоени куп-трофеи со вечниот ривал од „Градски парк“. Во финалето на Купот, кој од годинава го носи името на прославената македонска кошаркарска легенда, а се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје, МЗТ Скопје, предводен од тренерот Дарко Радуловиќ, во текот на целиот меч беше подобра екипа, а предноста што ја оствари по првото полувреме (37-28), успеа да ја зачува до крајот на средбата.
Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, беше најефикасен во победничкиот тим со 19 поени и пет скока, додека кај Работнички, Иван Аска со 20 поени и 12 скока. За најкорисен играч (МВП) на финалниот меч беше прогласен Дамјан Стојановски.

– Тоа што игравме како екипа и се жртвувавме еден за друг, а во одбраната бевме одлични, придонесе да го добиеме финалниот дуел и да ја освоиме куп-титула. Дополнителен адут ни беше и поголемата ротација на тимот што максимално ја искористивме. Ова мое признание е и за целиот тим, оти сите игравме на високо ниво – изјави Стојановски по добивањето на признанието.
Во полуфиналето МЗТ Скопје беше подобар од Навико Академија ФМП (92-72), додека Работнички од Еуро Никел 2005 (85-79). Минатата година, поради ковид-19, Купот не се одржа.