Летово, како што информираат од Градот, ќе се искористи за „градежно заокружување“ и завршување на почнатите сообраќајници, на кои се работи веќе подолго време. Според локалните власти, ќе се работи на изградба на мостот на реката Вардар, во рамките на проектот за изградба на бул. АСНОМ, втората фаза од проектот за проширување на улицата Никола Карев (Пластичарска), пробивањето на улицата Есенинова, втората фаза од изградбата на бул. Босна и Херцеговина, реконструкцијата на кејот 13 Ноември

ГРАДОТ СО ГОЛЕМ БРОЈ ПРОЕКТИ ЗА ПЕРИОДОТ ШТО СЛЕДУВА

Минатата година помина во знакот на изградба на голем број сообраќајници, паркови, булевари, скверови. И годинава не е различна од минатата, доколку се земат предвид првите шест месеци во кои исто така беа изградени булевари и улици и се чистеа депонии.
Минатото лето беше особено активно во однос на изградба и реконструкција на улиците, бидејќи, како и секогаш, летниот период важи за еден од периодите од годината кога фреквенцијата на возила е намалена и поголемиот дел граѓани се заминати на одмор.
Се чини дека и ова лето градот ќе го обележи во полна работна пареа, со реализација на многубројни капитални проекти.

КОИ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ СЕ НА РЕД ВО ПРЕТСТОЈНИОТ ПЕРИОД?

Градските власти најавуваат реализација на голем број капитални проекти за претстојниот период.
Летово, како што информираат од Градот, ќе се искористи за доизградба и завршување на почнатите сообраќајници, на кои се работи веќе подолго време.
– Ќе се работи на изградба на мостот на реката Вардар, во рамките на проектот за изградба на бул. АСНОМ, втората фаза од проектот за проширување на улицата Никола Карев (Пластичарска), пробивањето на улицата Есенинова, втората фаза од изградбата на бул. Босна и Херцеговина, реконструкцијата на кејот 13 Ноември – велат локалните власти.
Оттаму додаваат дека летово ќе се реконструираат поголем број улици во сите скопски општини.
– Голем дел од нив е во постапка на јавни набавки и, доколку тие бидат успешни, летово може да почнат поголем број капитални проекти, како што се изградбата на кружните крстосници на Момин Поток, третата фаза од проектот за изградба на булеварот АСНОМ, реконструкција на дел од булеварот Киро Глигоров, реконструкција и проширување на дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов (од кружниот тек кај Католичка црква до крстосницата со булевар Свети Климент Охридски, пред Домот на пратениците), реконструкција на улицата Лука Ѓеров, реконструкција на Индира Ганди (трета фаза), реконструкција на дел од булеварот Крсте Петков Мисирков (кај МАНУ), продолжување на изградбата на булеварот Борис Трајковски до влезот во Драчево, проширување и пробивање на улицата Васко Каранѓелески до булеварот Трета македонска бригада во Аеродром и многу други – информираат од Градот.
Минатото лето, поради реконструкцијата на голем број сообраќајници во исто време, низ градските улици се случуваше поголем сообраќаен метеж, за што возачите најмногу реагираа, но градскиот татко Петре Шилегов тогаш ги замоли за трпение, затоа што таквите реконструкции се реализираат еднаш на подолг временски период.

СТАРТ НА МЕГАПРОЕКТОТ „МОМИН ПОТОК“?

Откако почна годината градот започна, реализира и заврши голем број проекти.
Шилегов најави изградба на два нови кружни тека, подвозници и надвозници како идеално решение за сообраќајниот метеж кај Момин Поток, проект што, како што истакна, ќе чини околу 18 милиони евра.
– Градежните работи ќе ги започнеме во текот на јуни, а изведбата треба да трае од две до две и пол години. Според својата комплексност, се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект што Град Скопје го има изработено од 1965 година наваму. За да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на два кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булеварот Словенија, каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници, бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем – рече Шилегов.
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булеварот Словенија изнесува околу 1.600 метри. По должината на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено булеварско ЛЕД-осветлување, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на два моста на реката Серава, која тече под оваа сообраќајница.

ЗАВРШНА ФАЗА ЗА БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

На почетокот на месецов градските власти влегоа во завршна фаза за реализацијата на изградбата на булеварот Босна и Херцеговина, кој од улица со две коловозни ленти, прерасна во булевар со шест коловозни ленти, по три во секоја насока.
– Скопје добива целосно нов булевар, со вкупна должина од околу 1.700 метри, ширина од 40 метри, со шест коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни, а предвидено е и средишно и странично зеленило. со прекрасни дрвореди од двете страни. и ново улично осветлување, по целата должина од булеварот Словенија до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош – изјавија од Градот.
Булеварот Босна и Херцеговина е дел од секундарниот северен прстен и како таков претставува важна и исклучително фреквентна сообраќајница во овој дел од градот. Булеварот се протега од крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада до крстосницата со булеварот Христијан Тодоровски-Карпош.
Заедно со булевар Словенија ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот, додека со булеварот Христијан Тодоровски-Карпош претставува брз излез на скопската обиколница.

ВО ПОЧЕТОКОТ НА ЛЕТОТО НОВ ИЗГЛЕД НА КЕЈОТ 13 НОЕМВРИ

Со забрзана динамика работат на терен екипите на градот за побрзо да заврши изградбата и реконструкцијата на кејот 13 Ноември.
– Градежните активности на терен се интензивирани. Отстранети се централните и предните делови на терасите на угостителските објекти, со што се ослободени шеталиштето и прекрасниот средишен дрворед, што е едно од најатрактивните места во нашиот град. Изминатиов период се работеше на обновување на целокупната подземната инфраструктура, а во моментов се работи на поплочувањето на кејот и моите очекувања се дека во втората половина на јуни, на почетокот на летото, скопјани ќе добијат нов кеј за уживање – истакна Шилегов.
Овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари, со вклучен ДДВ, средства обезбедени од буџетот на Град Скопје. Со реконструкцијата е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, паметни клупи, канти за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот 13 Ноември. На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците, преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила.
Терасите што ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја.
Изграден беше и зелен сквер кај поликлиниката „Идадија“, во центарот на градот. На локацијата кај „Млин Балкан“ целосно се преуредени површините на предниот и на задниот парк. Делот на паркот што е лоциран пред амбулантата е уреден за максимално да се искористи како место за одмор, релаксација и контакти, а задниот парк е детско игралиште, кое може да го користат сите деца над три години.

[email protected]