Првичните проекции за раст на БДП од почетокот на годината (околу 4 отсто) во Македонија, во моментов се оптимистички и веројатно остварувањата на економскиот раст би биле пониски. Тоа главно се должи на релативно задоцнетиот почеток на вакцинирањето, но и на побавното заздравување на глобалната економија
ПОРАДИ РАЗЛИЧНИТЕ ИМПАКТИ НА КОВИД-КРИЗАТА И ДИНАМИКАТА НА ИМУНИЗАЦИЈАТА
На процесот на надминување на здравствено-економската криза негативно влијание има бавниот процес на вакцинација, а карантинот и мерките за заштита од ширење на вирусот ја ограничуваат деловната активност на претпријатијата. Целиот свет, како и нашата земја, гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата, но неизвесноста и натаму е голема, особено за неразвиените економии. Брзината на закрепнувањето ќе биде различна од регион до регион и од земја до земја, во согласност со импактот на ковид-кризата и динамиката на процесот на имунизација.
Како што вели Благица Петрески, директорка на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, 2021 година ќе биде година на заздравување, иако сѐ уште е рано да се вратиме на нивото што го имавме пред пандемијата, кое би очекувале да се случи во 2022 година.
– Сепак, првичните проекции за раст на БДП од почетокот на годината (околу 4 отсто), во моментот се оптимистички и веројатно остварувањата на економскиот раст би биле пониски. Главно, ова се должи на релативно задоцнетиот почеток на вакцинирањето, но и на побавното заздравување на глобалната економија. Сепак, моменталниот процес на вакцинирање и најавата за колективен имунитет до летото се значаен фактор и сигнал закрепнувањето на економијата да забрза – смета Петрески.
Таа додава дека во периодот што следува значајна е поддршката за поттикнување на оние сектори и сегменти од економијата што имаат потенцијал да бидат двигател на економскиот раст.
– Во таа насока беше олабавувањето на царините кај клучни инпути, потоа поддршката во поволни линии за капитални инвестиции и инвестиции во технологија, како и мерки за проширување на странските пазари и диверзификација на портфолиото на странски пазари – истакнува Петрески.
Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, гледајќи ги моменталните состојби, најпрвин во здравството со бројот на заразените со вирусот, а потоа и во стопанството, имаме реални шанси оваа година да забележиме економски раст од околу 4 отсто.
– Притоа, прво треба да имаме предвид дека 2020 година, која е година за споредба, беше многу лоша и нормално е оваа година да бидеме барем во позитива. Потоа, треба да се има предвид дека предвидениот раст од околу 4 отсто само ќе успее да го компензира падот во 2020 година од -3,6 отсто. Се разбира, кога ги правиме овие проекции, би требало да бидеме претпазливи со она што ќе се случува наесен. Ако дотогаш процентот на вакцинирани и оние што го прележале вирусот биде над 70 отсто од населението и на тој начин се создаде заеднички имунитет, тогаш шансите за нов бран наесен се помали и ќе можеме да размислуваме и за повисоки стапки на раст од 4 отсто. Но ризикот од нови мутации и повторно појавување на вирусот наесен е присутен – објаснува Димитров.
Олабавувањето на превентивните здравствени мерки, како што нагласува тој, сигурно позитивно ќе влијае на економскиот раст, бидејки ќе се зголеми вкупната потрошувачка и на стоки и на услуги.
– Од друга страна, треба да сме свесни дека Македонија е мала земја и многу зависи од случувањата на странските пазари, особено во ЕУ и во Германија. Се надевам дека и таму полека ќе почнат со олабавувањето на здравствените мерки и дека нашите извозни компании ќе почнат повторно нормално да работат – потенцира Димитров.
Тој додава дека сепак треба да бидеме претпазливи, бидејќи неизвесностите се и понатаму присутни и од нив ќе зависи дали и за колку процентни поени растот ќе биде поголем од минатогодишниот пад.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со спроведувањето на процесот на имунизација и со етапно подобрување на епидемиолошката слика, довербата кај инвеститорите и потрошувачите ќе расте, што, пак, ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка.
– Со закрепнувањето на економиите и нормализирањето на синџирите на доставување, ќе расте трговската размена, како и искористеноста на производствените капацитети. Со олабавување и суспендирање на превентивните здравствени мерки, ќе се подобри искористеноста на услужните капацитети. Сето тоа ќе придонесе кон раздвижување на економската активност и раст на економијата – нагласува Бесими.
Тој додава дека неизвесноста околу закрепнувањето и натаму е голема, а тоа главно се должи на одолжената здравствена криза, односно колку вакцини ќе се аплицираат и дали ќе бидат задоволително ефикасни против новите соеви на коронавирусот.
– Извори на неизвесност се и ефективноста на политиките за ограничување на економската штета од пандемијата, развојот на финансиските услови и движењето на цените на добрата и услугите, како и капацитетот за приспособување на економијата – смета Бесими.
Оттаму, вели тој, покрај мерките и активностите за заздравување на економијата, потребно е да креираме механизми што ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок.
– Тоа е целта на стратегијата за закрепнување на економијата, забрзан и одржлив раст – констатира тој.
Стратегијата се состои од четири столба: економско заздравување од ковид-19, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности.