Демократскиот сојуз (ДС) не го поддржува законот за добивање правен статус на бесправно изградени објекти и бараме претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува, со што ќе се спречи беззаконието во државата и да се привилегираат оние што ги кршат законите и се директно одговорни за градежниот хаос, потенцираат од оваа партија.
Според нив, постојат објекти изградени во заштитени зони, што е спротивно на детаљните урбанистички планови и објекти што ја попречуваат реализацијата на урбанистичките планови.
– Ставањето во нерамноправна положба на граѓаните е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите. Чесните граѓани подготвуваат проекти, бараат дозволи за градба, плаќаат комуналии и ги почитуваат сите прописи. Додека оние што градат бесправно и узурпираат земјиште, диво се приклучуваат на водоводните мрежи, електричната енергија, ги кршат сообраќајните решенија и слично, не смее да бидат и натаму мотивирани и лош пример за во иднина – реагираат од ДС.
Демократскиот сојуз има разбирање за социјалните аспекти, но никако не се за градежен хаос и легализација на хациенди, деловни објекти, куќи со базени итн., децидни се од оваа партија.