Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога зборуваме за невработеноста во Македонија, она што првично треба да се утврди се фактите, дали за време на пандемијата има или нема зголемување на невработеноста, велат, меѓу другото, економистите

Со какви и кои мерки би можела државата дополнително да интервенира

Подобрување на бизнис-климата, овозможување правна сигурност и точни податоци за состојбите со активните граѓани и со бројот на невработените се основни предуслови за креирање конкретни мерки за намалување на невработеноста во земјава. Високите стапки на невработеност се карактеристични за нашата земја долги години и истите тие забележаа мало намалување, кое продолжи со забавено темпо и ланската пандемиска година. Изминатата, 2020 година ја завршивме со стапка на невработеност од 16,4 отсто, додека во 2019 година таа изнесуваше 17,3 проценти. Со какви и кои мерки би можела државата дополнително да интервенира за да се намали невработеноста разговаравме со економисти, но и со лица што работат како посредници во процесот на наоѓање работа.
– Државата не може многу да направи во насока на отворање или креирање работни места. Во суштина, не е задолжена државата да креира работни места, или пак да финансира, но она што е значајно за секој бизнис и за секое работно место а што зависи од државата е да се создадат услови за водење бизнис, односно да се подобри бизнис-климата. Кога зборувам за подобрување на бизнис-климата, пред сѐ мислам на подобрување на правата сигурност, која е клучна за развој на бизнисите, но која во Македонија речиси и ја нема, а ова можам да го потврдам и од сопствено искуство, но и од искуството на многу други стопанственици. Ова е главен предуслов што мора да го обезбеди државата ако сакаме развој на бизнисите и раст на вработеноста. Втор исто така значаен сегмент на кој треба и може да влијае државата преку своите активности, а кој сѐ уште не е доволно ефикасен, иако за истиот бизнис заедницата укажува подолг период, е подобрување на образованието – вели Раде Ненадиќ, сопственик на една од агенциите за привремени вработувања.

Тој посочува дека бизнис-заедницата и компаниите што се посредници при вработување укажуваат на потребата од подобра подготовка на учениците во училишните клупи, поголема вклученост во работните процеси преку практична настава, но и насочување на учениците кон изучување стручни училишта, наместо кон гимназии. Наедно, тој потенцира дека и при избор на високообразовна институција, младите треба да избираат технички факултети наместо општествени.
– Можеби досегашните пакети на мерки дадоа плод, што се однесува кон зачувување на работните места, но сметам дека истите тие не се доволни. И покрај досегашната помош од државата за компаниите, има раст на невработеноста, и таа ќе продолжи да расте сѐ додека не се создадат услови за развој на бизнисите. Не може да се плаќаат вработените, ниту пак другите трошоци ако нема услови за работа и ако бизнисите не можат да работат со профит. Значи, основите се кажани многупати досега, правна сигурност и подобрување на образовниот процес, но, за жал, ниту се прават конкретни чекори, ниту изгледа дека се преземаат вистински чекори за подобрување на состојбите – заклучува Ненадиќ.
Во согласност со последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупниот број на невработени лица во Македонија минатата година изнесувал 155.949 лица, или процентуално 16,4 отсто. Годината претходно, во 2019-та, невработени биле 166.363 или 17,3 проценти. Ваквите податоци укажуваат на намалување на невработеноста. Сепак, во бројките што ги објавува Агенцијата за вработување беше забележан раст на бројот на лица што бараа работа во периодот по почнување на пандемијата. Иако трендот продолжи и во првите два месеци од оваа година, од минатиот месец Агенцијата ги намали овие бројки со објаснување дека лицата што се баратели на работа не се евидентирале, со што не влегуваат во листата на невработени. Токму за овие контрадикторности во податоците на невработените лица укажуваат и универзитетските професори, според кои е невозможно да се таргетираат мерки за потикнување на вработувањата ако податоците не се реални.

– Кога зборуваме за невработеноста во Македонија, она што првично треба да се утврди се фактите, дали за време на пандемијата има или нема зголемување на невработеноста. Оваа дилема ја наметнуваат податоците што ги продуцираат институциите, а кои се во остра спротивност со она што е впечаток во јавноста. Така, Агенцијата за вработување утврди дека само во минатиот месец дошло до огромен пад на бројот на евидентирани невработени лица за дури 47 илјади. Па сега бројот на евидентирани невработени лица е само за десетина илјади поголем во споредба со ситуацијата пред пандемијата. Податоците од Заводот за статистика се уште пооптимистички. Според нивните податоци, од четвртиот квартал на 2019-та до четвртиот квартал на 2020-та, бројот на невработени се намали од 161 на 152 илјади, а стапката на невработени се намали од 16,6 на 16,1. Односно, и покрај тоа што имаме рецесија од два последователни квартали со негативен раст, стапката на невработеност „чудно“ опаѓа и во овој момент е на најниско ниво уште од раните 1990-ти – укажува универзитетскиот професор Здравко Савески.

Тој исто така посочува дека пред да се зборува за мерки за намалување на невработеноста, треба да се утврди кои се точните податоци за невработеноста во земјава.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ укажуваат дека од пандемијата најпогодени се работници опфатени на неформални позиции.
– Нашите пресметки покажуваат дека во текот на пандемијата, поконкретно вториот и третиот квартал од 2020 година, речиси 23 илјади неформални работници го изгубија своето работно место. Потребни се мерки за транзиција на неформалните работници во формалната економија, преку субвенции за формализација, пакети за развој на претприемаштвото и пристап до пазар и финансии – велат од „Фајненс тинк“.


Пријавени невработени лица во АВРСМ во 2021 година

Јануари 158.681
Февруари 159.608
Март 145.327

Извор: Агенција за вработување