Градоначалниците на општините со мнозинско српско население во Косово, во отворено писмо до претседателот на Србија Александар Вучиќ, побараа од него да не се откажува од Косово и, посебно, од спасувањето на северно Косово.
– Иако сте вие свесни за тоа, ние ве потсетуваме дека борбата за нас значи многу. Ќе беше историски пораз за нас доколку се откажеме, а воедно победа за нашите непријатели – се вели во писмото кое го пренесоа приштинските медиуми.
Градоначалниците Срби на десетте косовски општини му порачуваат на Вучиќ дека се свесни за неговите напори за постигнување договор и дека со нетрпение ја очекуваат неговата посета на северно Косово, која тој најави дека ќе ја реализира идниот месец.
– Ве повикуваме да продолжите со вашата мисија за спасување на северот на Косово, како и на сето она што може да се спаси од канџите на Приштина – се вели во отвореното писмо на градоначалниците од редовите на Српската листа, која е дел од владејачката коалиција во Косово и партиципира во Владата на Рамуш Харадинај.