Воениот полигон Криволак е типичен пример за тоа дека РМ не очекува само да стане земја членка на НАТО, да ги користи придобивките на членството, туку дека како држава има што да понуди на сојузниците, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на денот на високите гости на Криволак за време на посетата на обуката на американските копнени сили во САД, кои токму на овој полигон од 1 до 20 август ги извежбуваат своите способности.
Шеќеринска информираше дека во изминатиот период е инвестирано во капацитетите на Криволак и нивното сертифицирање.
– Американската 7. команда за обука на воените сили даде сертификат воениот полигон Криволак да може да го користат и нивните воздухопловни сили. А денеска за првпат освен копнените сили и нивната авијација имаше можност да се извежбува на полигонот, истакна Шеќеринска.
Таа кажа дека задоволство е да се слушне за високите оценки и капацитетите на полигонот Криволак кој Македонија го понуди за извежбување на силите на САД.
Најави поголема искористеност на полигонот не само од нашата војска, туку како што рече, и од нашите сојузници, а со тоа, според неа, се зголемуваат шансите Македонија да стане членка на НАТО, а има и позитивно влијание врз локалната економија.
– На една од вежбите која што се случуваше на нашиот полигон, локалната економија успеа да профитира со четири до пет милиони американски долари само поради зголеменета потрошувачка и присуството на голем број вооружени сили членки на НАТО. Очекуваме дека истиот ефект можеме да го донесеме во Криволак, рече Шеќеринска и додаде дека денешната вежба е инвестиција во полигонот и капацитетите на Република Македонија.
За заменик амбасадорот на САД во Македонија Микаела Шварцер Блум, Криволак претставува извонредна локација за трупите на САД и сојузниците во неа да ги усовршат своите вештини.
Таа ја нагласи соработката меѓу Македонија и САД посебно во воениот дел и рече дека се надева таа ќе продолжи и понатаму особено за важноста на армискиот полигон Криволак кој е од големо значење за војските на САД и партнерите.
Таа ги повика сите граѓани на Македонија да ја искористат шансата да ја интегрираат државата во Алијансата и ЕУ, со тоа да ја обезбедат својата иднина и интегритетот.
Командантот на мултинационалните сили за безбедност во источно Косово, полковникот Ник Дучиќ вели дека полигонот во Македонија им е на тричасовно возење од Косово, и им овозможува одлични вежбовни услови. Според него, близината на „Криволак“ до Косово ќе им овозможи на војниците брзо да се вратат на своите работни места, доколку дојде до вонредна состојба
Во овие 20 дена на Криволак обука реализираат единциите од копнените сили на САД за Европа односно од 3. сквадрон, 61. коњанички полк, 1. бригада, 4. пешадиска дивизија, (3-61 коњанички полк) од форт Карсон, Колорадо и 3 батаљон, 126 авијациски полк, од Армиската национална гарда стационирана во Бостон и Масечусетс.