Меѓународната заедница е соочена со прашањето дали Русија ќе покрене офанзива во Украина, додека ги распоредува трупите долж границата, а дел од аналитичарите сметаат дека Русија се обидува да испровоцира реакција од новата американска администрација, пишува „ЕУобзервер“, наведувајќи дека западните политичари имаат три опции за одговорот кон Русија.
НАТО би можел да одржи заеднички вежби со украинските сили во близина на границата, а Западот би можел да стационира и бродови во Црното Море. Овие постапки би демонстрирале дека Западот е посветен на одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Се смета дека ниту Западот, ниту Русија не сакаат да почнат Трета светска војна поради Украина, со што ваквиот одговор веројатно би придонел за смирување на тензиите.
Втора алтернатива би биле дополнителни санкции на Западот кон Руската Федерација, со кои САД и ЕУ би требале да целат кон руските бизнисмени и политичари блиски до претседателот Владимир Путин.
Трета опција за Западот би било продолжувањето на дијалогот со украинските лидери. Американските и европските претставници веќе имаа неколку телефонски разговори со украинските власти. А таквата комуникација демонстрира дека Западот е сериозен во врска со односот кон Украина и во намерата да ја поддржи. Политичарите од Западот исто така би требале да соработуваат и со руските колеги во обид да ја смират ситуацијата.
Се истакнува дека на Западот постои недоумица околу намерите на Русија кон Украина. А земајќи ја предвид неизвесноста, ниту една опција не треба да биде исклучена, со што Западот треба да има подготвен одговор, гласи заклучокот на „ЕУобзервер“.