Компанијата „Џонсон и Џонсон“ започна да ги доставува своите вакцини против Ковид-19 во Европската Унија, потврди за „Ројтерс“ еден од европските претставници.

Компанијата претходно планираше да започне со испорака на почетокот на април, но испораката беше одложена поради проблеми со производството.

– „Џонсон и Џонсон“ денес започнаа да доставуваат вакцини во ЕУ. Многу добра вест – рече Питер Лизе, член на парламентот на германската канцеларка Ангела Меркел.

Американската компанија вети дека ќе испорача 55 милиони дози до крајот на јуни и уште 120 милиони дози во третиот квартал, изјави еврокомесарот за индустрија Тиери Бретон.

Вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е единствената вакцина против ковид-19 за која е доволна единечна доза, а 66 проценти е ефикасна против коронавирусот.

Студијата, во која учествуваа 44.000 волонтери, беше спроведена на три континенти и на повеќе видови на коронавирус.

Компанијата исто така рече дека нејзините првични резултати покажуваат дека единечна доза спречува 85 проценти од тешките случаи. Дел од тестирањето спроведено во Јужна Африка покажа дека вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е ефикасна само 57 проценти против видот што се развил во оваа земја.

Американската администрација за храна и лекови ја одобри оваа вакцина на крајот на февруари. Вакцината е одобрена и во Канада и Бахреин.

Светската здравствена организација ја одобри вакцината на „Џонсон и Џонсон“ за итна употреба на 12 март, заедно со „Фајзер“ и британската „Астра зенека“.