ГРЦИЈА

Редакциите на грчките медиуми често се цел на напади на вандали, но убиствата на новинари се релативно ретки во Грција. Поради убиството на новинарот Јоргос Караиваз, претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, побара од грчките власти брзо да ги идентификуваат и да ги уапсат одговорните и јасно да го утврдат „мотивот за овој страшен напад“.
Новинарот Јоргос Караиваз бил брутално убиени пред неговиот дом во јужна Атина во петокот, со 10 куршуми, а според грчкиот заменик-министер за цивилна заштита, Лефтерис Иконому, веројатно зад убиството стојат припадници на организираниот криминал.
Говорејќи на грчката државна телевизија ЕРТ, Иконому изјави дека во изминатите три години имало неколку најверојатно нарачани убиства, што говори за отворена војна меѓу ривалски банди. Но, сепак, посочи тој, прерано е да се зборува за мотивите за убиството на телевизискиот новинар Караиваз, пренесува „Катимерини“.
Караиваз бил застрелан од двајца мажи на мотор, најверојатно скутер.

Убиецот пукал уште додека бил на моторот, а потоа се симнал и се приближил до жртвата пред да го испука последниот куршум. Убиството го виделе најмалку двајца сведоци.
Караиваз во последно време зачестено известуваше за темните работи на корумпираните лица од подземјето. Поради тоа притисокот од грчката јавност е силен за да се откријат нарачателите на убиството на новинарот. Марија Антониаду, претседателка на Атинското здружение на новинари, порача дека „се лаже секој што мисли дека на овој начин ќе се замолчат новинарите“.
– Во нашето здружение има уште 6.099 новинари, кои ќе продолжат да истражуваат. Никој нема да го спречи новинарскиот труд во Грција – порача Марија Антониаду.