Во краткометражниот игран филм на Мирослав Илиќ, „Прашливи цвеќиња“, улогите ги толкуваат Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак и Христина Цветаноска
„Прашливи цвеќиња“ е приказна за млада брачна двојка претставена во меланхоличен и стерилен свет. Леа, сентиментална жена, е принудена да ја прекине антидепресивната терапијата за да може да забремени, а Јосиф, нејзиниот сопруг, кој ја губи работата поради грешка, не чувствува дека во моментот сака бебе. Со текот на времето тие стануваат сѐ повеќе пасивни и автодеструктивни, а нивната врска се влошува.
„Прашливи цвеќиња“ е краткометражен игран филм на Мирослав Илиќ, наедно и негово прво филмско остварување. Премиерата е закажана за 9 април во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар, а влезот е бесплатен.
Филмот е во продукција на „Марсбен“ и на Факултетот за aудиовизуелни уметности ЕФТА, а улогите ги толкуваат: Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак и Христина Цветаноска.
– Со оглед дека ова ми е прво сценарио, го пишував долго, околу две години. Ликовите и настаните се менуваа често, но идејата за „овде и сега“ или „живеење во моментот“ се провлекуваше низ сите верзии од сценариото. Во тој период бев многу заинтересиран за „гешталт“ и процесот на освестување, па така несвесно го вметнав тоа во приказната – ни сподели Илиќ.
Тој додава дека филмот не пренесува експлицитна порака сам по себе, туку е заснован на сублиминални елементи и чувства.
– На тој начин сакам да ја потенцирам идејата за тоа колку е круцијално да се живее „овде и сега“ и не по секоја цена да се трча по „идеалниот-јас“. Покрај ова, преку двата лика сакав да претставам како според мене таа состојба би влијаела на меѓучовечките односи и на процесот на освестување на истата состојба – вели режисерот.
Главниот лик во филмот е Леа, отелотворен преку Сара Анастасовска, за која Илиќ вели дека е кревка и сентиментална жена што поминува тежок период од животот.
– Условена е да ја откаже терапијата со што би ги зголемила шансите да го има тоа што најмногу го сака, свое бебе. Преку неа имав идеја да претставам некоеси свое освестување и реализација за себе. Нејзините постапки метафорично го прикажуваат безусловното трчање по идеалната слика за себе, по некој или нешто што би нѐ направило да се чувствуваме подобро или совршено. На крајот преку неа сакав да ги прикажам согледувањето и една лиминална фаза или фаза на транзиција што се појавува ретко кај секој од нас, но сметам дека е многу конструктивна – истакна Мирослав Илиќ.
Филмот веќе доби неколку фестивалски признанија. Првата официјална селекција на филмот беше всушност и првата награда за „Најдобар краткометражен филм“ на фестивал во Кошице, Словачка. А втората награда, за „Најдобар краток драма филм“ ја доби на фестивал во Бодрум, Турција. Исто така, „Прашливи цвеќиња“ е во официјална селекција на „Д лифт-оф глобал нетворк“ во Англија и на ФИЛМАЈ во Куманово, кој ќе се одржи на 28 мај.
На прашањето со што филмот ја освојува публиката и фестивалската жири-комисија, Илиќ посочи дека во него е карактеристичен начинот на кој се раскажани два навидум беспредметни живота и сензибилитетот со кој тие му возвраќаат на меланхоличниот и стерилен простор што ги притиска.
– За жал, проблемите при забременувањето стануваат сѐ почести и некои од гледачите се пронаоѓаат во приказната. Исто така, симболиката и потсвесната игра сметам дека се карактеристични – вели режисерот. Мирослав Илиќ периодов се фокусира на правење пократки артистички/експериментални и маркетинг-видеа од причина што тие бараат помалку ресурси, време и финансии.
– Скоро се зачна идеја за краткометражен филм, која се надевам во блиска иднина би можеле да ја реализираме – навести тој.