Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, е меѓу петмината осуденици во Штипскиот затвор кои се позитивни на ковид-19, а заразени се и тројца вработени во казнено-поправната установа, објавија повеќе медиуми. Тие се повикуваат на изјава на директорот на затворот Мики Тодоров, кој соопштил дека заразените се издвоени од останатите осуденици.
Во затворот биле тестирани уште затвореници и вработени, со цел да се открие дали заразата се шири.
Чавков издржува 16-годишна затворска казна откако во март 2019 година беше осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со упадот во Собранието од 27 април 2017 година. Првично беше осуден на 18 години затвор, но Апелациониот суд ја преиначи неговата казна во февруари годинава.