Од творештвото за деца на писателот Славко Јаневски
Најди го на својата карта
во Индонезија
градот Џакарта…
Е, во тој град
на тезгето на некој Лун
се кренале чадорите
на бунт,
изрипале од кош
зашто три месеци
над градот
не паднал дожд.
Таа чудна формација
од чадори црни и бели
решена на демонстрација
ревела по улиците врели:
– Бараме под точка разно
да се смени сводот лош,
животот ни мина празно
без облаци и дожд!
На чадорите им
се придружиле
олуците ѕвонливи,
гумените црева,
прскалките сонливи
и сувата трева.
Сообраќајот запрел,
рикшите се спулавеле,
преплашените риби
в море се удавиле.
Веста ми ја донесе
една птица селица,
ми рече: – Во Џакарта
страшна е врвелица,
мешаница,
турканица,
градот е зовриен кош!…
А ова чудо се случило –
долго, долго, долго
што не паднал дожд.