ТЕНИС
Можно е одложување на Ролан Гарос?
Според најавите на француската министерка за спорт Роксана Марасинеану, престижниот тениски гранслем-турнир Ролан Гарос може, втора година по ред, да биде одложен, пишува „Ројтерс“.
– Во разговори сме со Тениската федерација на Франција, за да видиме дали е можна промена на датумот на Ролан Гарос. Денес, иако спортот на високо ниво во Франција засега е во тек, се обидуваме да ги ограничиме ризиците од ширење на вирусот во професионалниот спорт – изјави Марасинеану.
Според првичниот план, Ролан Гарос треба да се одигра од 23 мај до 6 јуни, но и сезонава може да биде одржан во друг термин. Франција влезе во трета национална блокада, со намера сузбивање на ширењето на коронавирусот. Засега професионалните спортови се одвиваат нормално, со исклучок на еднодневната велосипедска трка Париз – Рубе, која е откажана.
Конечната одлука за турнирот треба да се донесе наскоро. Во минатата година турнирот се одигра во октомври пред ограничен број гледачи, титулите ги освоија Рафаел Надал од Шпанија и Ига Свјонтек од Полска. Та.Д.
КОШАРКА – НБА
Јута урна рекорд по бројот на тројки во едно полувреме
Во најновите осум дуели одиграни во неделата наутро по средноевропско време, најубедлива победа во кошаркарската НБА-лига оствари тимот на Јута, кој го победи Орландо со 46 поени разлика (137-91). Притоа тимот од Солт Лејк Сити постави нов рекорд во НБА според бројот на погодени тројки, кој досега го држеше Голден стејт, забележувајќи 18 тројки во едно полувреме (второто).
Јута четврти пат постигнува најмалку 25 тројки на еден дуел и така го израмни рекордот на Хјустон од сезоната 2018/2019. Донован Мичел беше најпрецизен со 22 поени (6/7 за тројки).
Преостанати резултати: Детроит – Њујорк 81-125, Сан Антонио – Индијана 133-1139 (по продолжението), Портланд – Оклахома 133-85, Сакраменто – Милвоки 128-129. Г.И.