Суецкиот Канал претставува клучен премин што им овозможува на бродовите да ја избегнат многу подолгата маршрута околу ’Ртот на Добрата Надеж на најјужниот дел на Африка. Со тоа што дневно таму просечно поминуваат по 50 брода, доцнењата најверојатно ќе се одразат врз главните трговски договори, нафтените цени, па дури може да резултираат со тужби поради доцна испорака на товарот. Ако наскоро не се надмине предизвикот, ударот врз цената на нафтата може да биде значителен, бидејќи околу 10 отсто од вкупниот поморски транспорт на нафтата се одвива токму преку Суецкиот Канал. Според одредени процени, околу 10 милиони барели на нафта сега се заглавени на двете страни од Каналот.
Суецкиот Канал е една од неколкуте клучни точки за испорака на нафта во светот, а анализата на „Лојдс лист интелиџенс“ што беше објавена во „Фајненшел тајмс“ откри дека 4,6 милиони барели дневно минувале во 2018 година. Тоа, сепак, е значително помалку од некои други главни транзитни точки во светот, како што е Малачкиот Проток, низ кој минуваат 15,7 милиони барели, додека во Ормутскиот Проток минуваат речиси 17 милиони барели дневно.
Ормутскиот Проток сè уште се смета за главна точка за светската испорака на нафта, а Иран низ годините честопати се закануваше дека ќе го затвори.