Грчката влада ќе им обезбеди на угостителите дополнителни 330 милиони евра субвенции за да им го олесни отворањето на рестораните во следните недели.
Повеќе од 70.000 ресторани, барови и кафулиња се затворени од ноември, кога беше воведена строга блокада за борба против вториот бран на пандемијата на коронавирус. Здружението на угостители проценува дека една петтина од угостителите можеби нема да можат да започнат со работа пред новата туристичка сезона.
– Нашата цел е јасна. Ние сакаме да ви обезбедиме услови за отворање на рестораните – рече премиерот Кирјакос Мицотакис на состанокот со министрите и претставниците на угостителите.
Секојa компанија ќе добие до 100.000 евра под одредени услови, за да ги покријат трошоците за рестартирање на бизнисот, а вкупната вредност на пакетот ќе достигне 330 милиони евра, објави Министерството за финансии.
Владини претставници минатиот месец објавија дека рестораните може да се отворат во април, пред планираното отворање на туристичкиот сектор од средината на мај. Угостителскиот сектор веќе доби една милијарда евра помош од државата во форма на поволни заеми и грантови.