Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оцени дека по неколкуте протестни ноти од Бугарија до земјава и повикувањето на македонскиот в.д. амбасадор во Софија на разговор, ги симнале односите меѓу двете земји на најниско ниво.
На денешната презентација на француската Агенција за развој во МНР, Османи рече дека сепак остава простор за враќање на довербата помеѓу двете држави.
– Можам да констатирам дека се можеби на најниската точка во последниот период, но јас мислам дека постои потенцијал за враќање на довербата помеѓу државите, на враќање на нормалната комуникација, на враќање на меѓусебната соработка, само треба да се рационализира таа дебата и тој пристап. Изборите не помагаат обично во рационализација на таа дебата и не само во Бугарија. Така беше и кога ние имавме избори. Така е секогаш, изборите ги киднапираат нормалните политички дебати, но јас сум убеден дека во нашите односи има потенцијал да се врати дебатата на една нормална комуникација и меѓусебно почитување – кажа Османи.
Тој изрази надеж и додаде, дека е од интерес и на Бугарија, но и на целата ЕУ е да се фати јунскиот рок за започнување преговори, бидејќи по тоа како што рече процесот станува сè понепредвидлив, а тоа според него не е во интерес на регионот и не е во интерес на ЕУ.