Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, вели дека е изненаден од изјавата на министерката за култура, Ирена Стефоска, за одземањето на ингеренциите на Општина Охрид, која, според неа, нема волја за заштита на културното наследство.
Тој вели дека за тоа не постојат законски услови и дека ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари.
– Изненаден сум од изјавата на министерката за култура за одземањето на ингеренциите на општина Охрид. Прво, таква законска можност каква што таа кажува воопшто не постои. Имено, според законот, централната власт на локалната власт може условно да и ги одземе ингеренциите само за одреден предмет или за конкретен случај, а не целосно. Тоа може да го направи само во случај ако локалниот инспекторат не постапува па надлежноста ја презема државниот. Досега по сите предмети согласно нашите ингеренции сме постапувале и немало барање односно потреба за интервенција на државниот инспекторат. Второ, од денот кога е донесен планот за управување, Општина Охрид во целост го почитува и спроведува, нема ниеден случај во кој сме постапиле спротивно на планот. Трето, ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои повеќе пати ги бараме – вели градоначалникот.
Тој вели дека овие средства се потребни за да се имплементираат сите препораки за рушење на сѐ она што е законски издржано и маркирано како значителен штетен импакт кон езерото и животната средина.
– Сѐ што досега беше во рамки на можностите на општината направивме и покажавме храброст и решителност и отстранивме сериозен дел од објектите. За крај, ако министерската алудира на тоа дека општината недоволно се ангажира за заштита на културното и природното наследство, јас одговорно тврдам дека за две и пол години, колку што јас сум градоначалник, се направени повеќе активности во насока на заштита отколку за последните 20 години – вели Георгиески.
За крај, додава тој, верувам дека министерката, исто како и сите ние, сака да го заштити регионот.
– Сепак, како член на владата споделува одговорност за тоа па затоа сметам дека би било далеку поконструктивно да се вклучи активно во надминување на проблемите. Верувам дека е добро заеднички да работиме за надминување на состојбите за што желба кај сите нас постои – напиша Георгиески на Фејсбук.
Вчера министерката Ирена Стефоска кажа дека ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на општини Охрид и Струга затоа што, според неа, немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО.