На подготовки денеска ќе заминат 15 репрезентативци, а фокусот ќе биде ставен на базичните подготовки, со главна цел темпирање на формата за квалификацискиот турнир во мај во Софија, за пласман на ЛОИ во Токио годинава, вели Дарко Костовски, еден од тренерите на репрезентацијата

ТАЕКВОНДО

Македонските таеквондо-репрезентација од денеска следните 15 дека ќе ги помине на заеднички подготовки во Крушево. Со нив ќе бидат и четворица членови од стручниот штаб, предводени од селекторот Борче Костовски.
– Во Крушево ќе заминат 15 репрезентативци, од кои седум се јуниори, а осум сениори. Фокусот ќе биде ставен на базичните подготовки, со главна цел темпирање на формата за квалификацискиот турнир во мај во Софија, за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ). Европското првенство (ЕП) во моментов не ни е приоритет, но евентуален медал, секако, може да помогне во квалификациите за ЛОИ, барем во првото коло да се избегне силен противник, односно патот до финалето барем малку да биде полесен – вели Дарко Костовски, еден од тренерите на репрезентацијата.
По Крушево, репрезентативците во април се селат на ЕП во Софија.
– По ЕП ќе следуваат уште дванаесетдневни подготовки на тактичко-технички план. Во таа насока ќе ни помогнат и двајца мошне квалитетни натпреварувачи. Станува збор за Иван Трајковиќ од Словенија и Иван Шапина од Хрватска, од кои првиот е двократен светски вицепрвак, учесник на минатите ЛОИ и освојувач на бронза од ЕП. Трајковиќ е низок натпреварувач и многу побрз од нашиот олимписки кандидат Дејан Георгиевски, кој, пак, е многу повисок, така што добро ќе ни дојде во подготовките против вакви ривали – вели Дарко Костовски, кој е тренер и на таеквондо-клубот Бутел.

Георгиевски (категорија над 87 кг) е носител на бронза од ЕП (до 21 год.) и на злато од сениорското ЕП во 2017, со само 18 години, потоа бронза од ЕП (до 21 год.) во 2018-та, сребро од ЕП 2020, сребро од Медитеранските игри пред три години… Покрај Георгиевски, како кандидат за ЛОИ сериозно се наметнува и Филип Додевски (категорија до 87 кг), кој на последниот Г1-турнир го освои бронзениот медал, а со бронза се закити и на ЕП до 21 година во 2019 година. Во Софија ќе настапи и Анамарија Георгиевска. Сите тројца се членови на ТК Бутел.
– Постои реална опција Додевски да се најде на ЛОИ, и тоа нема да биде изненадување, оти е во голем натпреварувачки подем.

Иако е далеку од врвот на олимпискиот ранг, од причина што тој собира олимписки бодови само две години, додека преостанатите ривали тоа го прават по 4-5 години, сепак последнава година напредува неверојатно добро, и тоа во услови на карантин, кога и немаше практично турнири. И нему квалификацискиот олимписки турнир во Софија ќе му претставува голема шанса. Хрватот Иван Шапинa, кој е светски првак и е веќе е пласиран на ЛОИ, загуби од Додевски на неодамнешниот Г1-турнир, а другите се многу послаби од Хрватот. На ЛОИ одат шестемина првопласирани на олимписката ранг-листа, а вторите шестмина се од континенталните натпревари, вклучувајќи ги и финалистите од олимписките квалификации во Софија – појаснува Дарко Костовски.