Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од аспект на уставноста на иницијативата за ограничување на пратениците да имаат само македонско државјанство, па можеби и на избраните и именувани функционери, поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски укажува на фактот дека двојното државјанство, сепак, преставува исклучителен концепт, но не мора да стане правило

Иако темата за двојно државјанство на политичарите како морално-етичка дилема постојано тлее во политичкиот амбиент во Македонија, повремено таа стигнува во фокусот на актуелниот интерес и во одредени ситуации, а во последно време најчесто создадени со провокативни намери. Најновиот чин на предизвикување за ова прашање беше активиран од соседна Бугарија, откако тамошниот вицепремиер Красимир Каракачанов на својот фејсбук-профил објави список со имиња на лица што наводно ги пронашол во бугарските избирачки списоци, а кои, според него, се совпаѓаат со дел од македонскиот политички естаблишмент, инсинуирајќи дека водечки политичари и поранешни државни функционери имаат бугарски државјанства, а и пасоши.

Поддршка за измена и дополнување на Законот за пратеници и од двете најголеми и највлијателни партии

Споменатите во списокот на Каракачанов ја одрекоа таквата инсинуација, остро реагирајќи со демант и обвинување за бугарскиот министер дека шири лажни вести. Но, очигледно, одговорот на оваа провокација не заврши на тоа. Во јавноста преку медиумите беше лиферувана веста за предлог-закон и дополнување на Законот за пратеници, со кој пратениците ќе бидат ограничени да имаат само македонско државјанство. Декларативно, предлогот наиде на поддршка и од двете најголеми и највлијателни македонски партии. Уште повеќе, во предлогот се содржеше и иницијатива евентуално усвоените измени на Законот да важат и за пратениците од актуелниот пратенички состав. Но од она што јасно можеше да се види, пратениците од ДУИ не се подготвени да се вклучат и да го поддржат гореспоменатото, па дури сметаат дека таквиот предлог е и противуставен.
– Поседувањето двојни државјанства на политичари што се избрани и именувани функционери, па дури и на припадници на безбедносни служби, е крајно чувствителна работа за една држава. Тој факт постојано ја остава отворена дилемата која страна ќе ја избере и за чиј интерес ќе работи политичкиот функционер во одредена ситуација на спор во кој се вклучени двете држави чиешто државјанство го има. Во таа смисла, ја поддржувам иницијативата пратениците да бидат ограничени со државјанството само на земјата во која се избрани, во случајов на македонското државјанство. Дури сметам дека тоа може да се прошири и на сите избрани и именувани функционери и на припадниците на безбедносните служби, но конкретно сега станува збор за измени и дополнување на Законот за пратеници. Сметам дека тоа е од национален интерес. Доколку тоа се коси со некои други граѓански права, би требало понатаму таквата ситуација законски да се усогласи со националниот интерес – вели политичкиот аналитичар и поранешен пратеник во Собранието, Александар Пандов.
Не постојат рестриктивни законски одредби со кои на политичарите им се ограничува правото да бидат државјани и на други држави

Според членот 1 од Законот за државјанство на Република Македонија, „државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата“. А понатаму, според членот 2, „државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Државјанин на Република Македонија што има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е поинаку определено“.
Овој закон важи еднакво за сите граѓани на државата, без разлика на нивната професија или место во општеството, па, така, и за политичарите. Не постојат рестриктивни законски одредби со кои на политичарите им се ограничува правото да бидат државјани и на други држави. Дури, ниту една институција во Република Македонија нема обврска да води евиденција кои граѓани (вклучувајќи ги и политичарите) имаат две или повеќе државјанства. Имено, Македонија не го ограничува бројот на државјанствата што би ги имале граѓаните и тоа се смета за лична слобода на избор на граѓанинот. Граѓанин на Република Македонија нема обврска да ги известува институциите дали поседува и друго државјанство.
Од аспект на уставноста на иницијативата за ограничување на пратениците да имаат само македонско државјанство, па можеби и на избраните и именувани функционери, поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски укажува на фактот дека двојното државјанство, сепак, преставува исклучителен концепт, но не мора да стане правило.
– Кај нас како да постои тенденција во секоја сфера на општеството, особено во политиката – секој исклучок да стане правило. Со тоа постојано се ставаат на преиспитување темелните вредности на владеењето на правото. Во рамките на почитувањето на човековите права е секој граѓанин да има едно државјанство. Двојното државјанство е исклучителен концепт, со идеја државата да овозможи да нема дискриминација по основа на национална припадност. Но тоа не значи дека секој државјанин на една земја (или мнозинството) треба да има и второ државјанство. Таквата практика е во судир со темелниот принцип на постоењето на државите. Во контекст на уставноста на иницијативата за ограничување на пратениците во македонското собрание да имаат едно државјанство, Уставот определува дека граѓаните може да вршат одредена функција, но тоа не значи и дека мора да извршуваат функција. Според тоа, не сметам дека поседувањето само (едно) македонско државјанство на секој што сака да извршува каква било функција е спротивно на Уставот – вели уставниот судија Трендафил Ивановски.

Иницијативата за ограничувањето на
пратениците со едно државјанство не е прва во македонското собрание

Сепак, последнава иницијатива за ограничувањето на пратениците со едно државјанство не е прва во македонското собрание. Во 2008 година, тогашните пратеници во Собранието на Р Македонија, Јован Манасиевски и Андреј Жерновски од Либерално-демократската партија, поднесоа амандман кога се внесуваа измени во Изборниот законик со кој се бараше на избраните и именувани функционери да им се ускрати правото, покрај македонско, да поседуваат и државјанство на друга држава. Амандманот тогаш не беше изгласан, но пред гласањето имало жестока дискусија и меѓусебни обвинувања за криење на другото државјанство. Конечно, морално-етичките дилеми што се создаваат во јавноста за политичарите со повеќе државјанства и понатаму вообичаено се сублимираат во прашањето на која татковина тие ѝ се (по)лојални. Долговечноста на ова политичко прашање, во практиката изнесува контроверзни одговори, за кои голем дел македонски граѓани сметаат дека се причина за актуелната состојба на загрозеност на македонскиот национален идентитет.


Како функционира принципот на двојно државјанство во
политиката низ светот

Пред неколку години шест пратеници на австралискиот парламент и функционери во Владата беа соочени со заканата да поднесат оставки и да ја напуштат политиката, зашто се откри дека имаат двојно државјанство. Според законите во Австралија, двојното државјанство е дозволено, но за луѓе што не се во политиката и немаат никаква јавна или државна функција. За политичката судбина на политичарите со двојно државјанство во Австралија одлучувал Вишиот суд на државата, односно за секој случај посебно се определувало дали се повредени законските и уставните одредби.
Прашањата дали може човек да биде граѓанин на две држави и дали два национални идентитети ја попречуваат интеграцијата биле главно јаболко на раздорот и пред избори за Бундестагот во Германија. Според сегашните закони, односот на Германија спрема двојните државјанства е особено рестриктивен. Имено, Германците мора да се откажат од своето државјанство ако сакаат да земат друго државјанство. Исклучоците се однесуваат на државјанството на земјите на Европската Унија, на Швајцарија и на децата на доселениците. Значи, принципот на стекнување државјанство со раѓање на германска територија важи со ограничувања. Во Германија живеат околу 4,3 милиони луѓе со две или повеќе државјанства, а секој петти граѓанин со турско потекло има и германски и турски пасош.
Француските граѓани од 1973 година смеат да поседуваат двојно, па и повеќекратно државјанство. Во 2009 година, Франција се спротивставила на членот 1 на европската спогодба за намалување на бројот на двојните државјанства меѓу договорените партнери. Во Франција неограничено важи јус соли (стекнување државјанство со раѓање на територијата), оној што ќе се роди во таа земја добива француско државјанство, независно од националноста на родителите.
Во Шведска, како и во Германија, долго важело правилото за избегнување на двојното државјанство. Тоа се променило во 2001 година, кога на шведските граѓани им било овозможено да побараат второ државјанство, а притоа да не го изгубат шведскиот пасош.