Длабоко поделени по сите основи, без грам меѓусебна доверба, без осет за она што е важно за општеството и за државата, со децении дозволуваме да нè водат луѓе што не гледаат подалеку од носот, а не, пак, некаква голема слика. Токму поради ваквиот однос државата нема успех на ниту еден план. Секогаш се гледаат само мали фрагменти, со кои се задоволува нечиј индивидуален интерес, а се испушта големата слика
Во Македонија како да стана практика од дрвјата да не се гледа шумата, буквално, по сите суштински прашања. Најдобар показател за тоа се редица примери што само во последните три-четири месеци испливаа на површина и околу кои постојат спротивставени, контроверзни и на моменти недоречени работи. Секој тегне на своја страна и мисли дека е во право, без да се води сметка што е вистински интерес на државата, но и на граѓаните. Поделбите како да станаа наш заштитен знак, а веќе никој и не памети кога сме се обединиле и заеднички сме застанале зад нешто. Еве само неколку конкретни примери и показатели.
Неодамна се разви широка полемика за Водно околу тоа што треба да се направи за да се заштити планината, која изминативе 30 години буквално ја силуваше кој како ќе стигне, од несовесните граѓани до државата. И кога конечно стана повеќе од јасно дека треба нешто да се направи за да се спаси уште тоа нешто малку природа што остана околу Скопје, повторно поделби. Едни се залагаат за носење посебен закон за Водно, други сметаат дека нема потреба од посебен закон, туку дека и со почитување на постојниот Закон за природа ќе се постигне посакуваниот ефект. Во меѓувреме во јавноста остана впечатокот дека и околу една благородна идеја, поврзана со грижата за природната средина, се јавија поделби и жестоки конфронтирања меѓу фелата, но и во јавноста, која на крајот останува целосно збунета околу тоа што навистина се предлага и што навистина е потребно за Водно. Дали Водно е закана за Скопје, или Скопје е закана за Водно? Додека се мислиме за тоа, на планината ќе никнуваат нови објекти, одводните канали ќе се полнат со шут, а шумата ќе се уништува.
И додека уште ни таа дилема не се разјаснила, поделбите се разгореа и околу пописот. Едни тврдат дека не треба да има попис, бидејќи во услови на здравствена криза здравјето на граѓаните не треба да биде загрозувано од попишувачите, други собираат потписи и најавуваат поништување на Законот за попис, трети, пак, сметаат дека на државата ѝ е повеќе од потребен попис заради креирање на развојните политики… На ова се надоврза уникатниот македонски феномен, односно на веќе постојната поделба се јавува дополнителна поделба, во случајов на едни што ќе се попишуваат ама нема да ги признаваат резултатите ако се под нивните очекувања, други што ќе се попишуваат ако не е премногу комплицирана процедурата, трети што ќе се попишуваат ама нема ништо да признаваат. Не треба да се отфрли можноста до почетокот на пописот и во овие категории на поделби да дојде до уште дополнителни поделби. Единствена јасна работа во оваа пописна кармакаша е дека никому ништо не му е јасно каде и кон што води, освен кон нови поделби и кавги.
За проблемот со вакцините воопшто и да не зборуваме. И тука сите ги запенија устите во објаснувањето зошто Македонија е последна во процесот на вакцинирање. За едни власта е неспособна да набави вакцини, за други опозицијата опструира и така во недоглед. Зошто не се нарачани кинески и руски вакцини навреме, зошто не се држиме до Западот и не нарачуваме „фајзер“, го загрозуваме ли НАТО, геостратегијата на Балканот… Очигледно во целата криза најважно е само политичките актери од власта и опозицијата, како и нивните полтрони на социјалните мрежи, меѓусебно да се исплукаат и да си ја префрлат вината, а во суштина ниту едните ниту, пак, другите водат вистинска грижа за народот. На крајот, веројатно ќе го постигнеме имунитетот на стадо, оти очигледно политичарите така го третираат овој народ. Но прашањето е колкава цена плаќаме и ќе плаќаме за тоа.
И кога помисливме дека засега сме поделени само за 15-16 работи, капак на сè беше и нафрлањето на идејата од страна на премиерот за формирање широка владина коалиција. Тука експлодира ситуацијата. Прекуноќ едни во тоа видоа некаква политичка игра со скриени намери за избегнување одговорност и за рушење на опонентот, други го истакнуваа демократскиот капацитет на премиерот, трети уште не можат да сфатат што всушност се случило итн. Секој се затвора во својата рамка и како никој да не ја гледа големата слика.
Она за што барем кај обичните луѓе нема никакво двоумење и поделеност е тоа дека живеат во една голема општа конфузија, која да не беше трагична, можеби ќе беше и смешна.
Или можеби некој и намерно ги прави поделбите. Сите го паметиме слоганот „Раздели, па владеј“, па очигледно со едно толку длабоко поделено општество лесно може да владеат луѓе, со многу мали исклучоци, што во нормални развиени држави тешко дека би вршеле некаква функција.
Е, токму тоа ни се случува нам. Длабоко поделени по сите основи, без грам меѓусебна доверба, без осет за она што е важно за општеството и за државата, со децении дозволуваме да нè водат луѓе што не гледаат подалеку од носот, а не, пак, некаква голема слика.
Токму поради ваквиот однос државата нема успех на ниту еден план. Секогаш се гледаат само мали фрагменти, со кои се задоволува нечиј индивидуален интерес, а се испушта големата слика. Токму кога ќе успееме да ја видиме големата слика, тогаш можеби и поделбите по секоја основа ќе станат банални, бидејќи сите ќе тежнееме кон достигнување повисоки цели, или, во нашиот случај, постигнување напредок што ќе доведе до благосостојба на сите граѓани. Тогаш можеби таа наша голема слика ќе ја види и Европа, но дури и да не се случи тоа, доволно е и самите да уживаме во неа.