Видео записот на евровизиската песна „Here I stand“ со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-то издание на „Евровизија“, што ќе се одржи во мај во Ротердам, Холандија, беше претставен во Дневник 1 на МТВ.
Автор на музика и текстот е самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата се погрижија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Музиката за песната се снимаше во студиото „Фејмс“ во Скопје, со оркестар во живо, под диригентската палка на Олег Кондратенко, а нотите ги распиша Владимир Ботев.
Вокалот на Гарванлиев се снимаше во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали во Чикаго.
– Особено сум горд што ќе ја преставам Македонија со „Here I stand“, една искрена песна, во која влегувам со отворена душа и многу љубов. Иако песната ме отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме минале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката. Се надевам дека пораката за верба и надеж за подобро утро ќе ни помогне заедно да пребродиме сѐ што ни се случува – вели Гарванлиев.
Спотот е снимен на повеќе локации, за време на снимањето во студиото „Фејмс“, дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а во спотот се прикажуваат и кадри од Културниот центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време како член на Детскиот хор од овој град.
Спотот во Скопје го снимаа и монтираа Ѓорги Вацев и Борче Димовски од „Дигитал бокс“, а режијата е на Васил Гарванлиев.
Годинава секоја земја мора да обезбеди снимка од настап во живо на својот претставник, а МТВ во дадениот временски рок успешно го реализираше овој проект во соработка со Радио Телевизија Србија, во едно од студијата на РТС на Кошутњак, Белград, запазувајќи ги сите пропишани стандарди на ЕБУ, кои одговараат на големината на едно музичко шоу и телевизиски спектакл каков што е „Евровизија“. За сценскиот настап на Васил се погрижија Швеѓанките Тине Матулеси и Мари Рибергер, кои беа задолжени и за сценскиот настап на Тамара Тодевска во 2019 година. Костимот за сценскиот настап е дело на костимографот Раде Василев.
Песната „Here I stand“ од 18 часот е достапна онлајн на официјалната jутуб платформа на „Евровизија“.
М.Т.