Нејмар многу созреа, ја збогати играта и, освен што е голгетер, им создава шанси и на другите, вели Тите, кој од 2016 година е селектор на Бразил, во интервјуто за ФИФА, во кое говори и за мечот со Аргентина, за Кевин де Брујне, Роберто Манчини, Карло Анчелоти…
ФУДБАЛ
Селекторот на Бразил, Тите, во интервјуто за интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) говори за мечот со Аргентина, кој е многу повеќе од квалификациски за светско првенство (СП), за други фудбалски работи, ги фали Нејмар, Кевин де Брујне, Роберто Манчини, Карло Анчелоти…
„Да се преживее долго во земја што има 200 милиони фудбалски селектори е невозможно“, се зборовите на Луиз Фелипе Сколари за она што многумина го сметаат како најтешка работа во светот на фудбалот. Да се преживее под будното око на навивачите на Бразил е слично како на преживување во пустина, пишува ФИФА. Под водство на Тите (59), Бразил во минатите пет години, на 52 меча, забележа 38 победи, 10 ремија и четири порази, и не е поразен на 21 натпревар во низа.
Четири натпревари, 12 бода, 12 постигнати и два примени гола. Како би го оцениле почетокот на Бразил во квалификациите за СП 2022?
– Секој натпревар, секоја фаза има своја приказна. Мора да се види поголемата слика. Квалитетот што го покажавме на трите натпревари беше над моите очекувања, но против Венецуела потфрливме многу.
Сега треба да играте со Колумбија и со Аргентина, кои се без пораз откако загубија од Бразил на Копа Америка и кои можат да се пофалат со таленти како Дибала, Кореа, Меси, Мартинез, Агуеро…
– Двата меча со Колумбија во минатите квалификации технички беа нашите најдобри натпревари. Традиционалните дербија, Бразил – Аргентина, Бразил – Уругвај, имаат силни историски елементи. Аргентина има одлични индивидуалци. За мене, мечот Бразил – Аргентина, покрај тоа што е квалификациски за СП, е и повеќе од тоа.
Зборувајќи за врвните фудбалери, што мислите за Нејмар?
– Нејмар многу созреа. Претходно, кога беше во Барселона и во моите први денови како селектор, тој беше играч на крилната позиција, постигнуваше голови, имаше брзина, дриблаше, играше индивидуално. Сега ја збогати играта и, освен што е голгетер, им создава шанси и на другите. Тој сега е она што ние го нарекуваме „лак и стрела“, може да ја организира и да ја заврши работата.
Покрај Бразил, која репрезентација е најдобрата на светот во моментов?
– Тешко е да се каже. Италија, за мене, игра фудбал што е многу убав за гледање. Манчини заврши одлична работа, промовираше фудбалска школа како Ариго Саки. Мислам дека тие имаат поголема рамнотежа помеѓу дефанзивната игра, по што историски се познати, и напаѓачката игра. Белгија уште ја има големата генерација, тие се одличен тим. И Франција е многу силна.
Кои се тројцата најдобри играчи на светот денеска?
– Тоа се тројцата за кои гласав во изборот за најдобар на ФИФА. Нејмар прв, Левандовски втор, Де Брујне трет. Пред да се повреди, Нејмар беше, дури и според неговите стандарди, во фантастична форма. Левандовски е неверојатен напаѓач. Де Брујне е способен да прави работи што другите не можат. Неговата импровизација, неговата решителност. Сакам да го гледам како игра.
Од кој тренер научивте најмногу?
– Од Анчелоти. Извонреден е и начинот на кој Симеоне го организира својот тим. Гвардиола, неговата офанзивна тактика, начините за разбивање на тимовите се навистина импресивни. Бјанки има неверојатна можност да го извлече најдоброто од своите играчи во најважните натпревари. Некои тактички идеи на Кројф беа фантастични. Но без сомнение научив најмногу од Анчелоти. Тој ја гледа играта на поинаков и на уникатен начин.
Едногодишно студирање фудбал низ светот
Можете ли да ја објасните вашата одлука на крајот од 2013-та да паузирате една година, да патувате низ светот и да го студирате фудбалот?
– Отсекогаш сум го студирал фудбалот и сакав да ги проширам моето знаење и идеи. Кога го напуштив Коринтијанс, тоа беше совршена можност да учам од други тренери и тимови од прва рака. Имав освоено сѐ што можев на клупско ниво, првенството на Бразил, Копа Либертадорес, клупското Светско првенство. Мислев дека следниот чекор е „селесао“ и сакав да се подобрам како тренер. Фудбалот е различен во целиот свет, секое место има различни работи што можете да ги научите. Сакав да научам сѐ, работите зад сцената, тренингот, тактиката и она што се случува на теренот. Сѐ. Ги гледав сите натпревари на СП 2014, водев белешки. Тој период беше многу важен за мојата кариера – вели Тите во интервјуто за ФИФА.