Најмалку 38 лица беа убиени во Мјанмар во последните насилни акции за разбивање на протестите против новоинсталираната воена хунта. Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар, додавајќи дека повеќе од 50 лица починале во изминатиот месец. Многу повеќе се ранети. Сведоците и видеата што се објавени на социјалните медиуми покажуваат дека полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и боева муниција за да ги растера демонстрантите во неколку града во текот на изминатите два дена.
РСЕ јавува дека Мјанмар минува низ секојдневни протести откако војската на 1 февруари му стави крај на деценискиот експеримент на нацијата со демократијата.
Во меѓувреме, западните лидери повикаа да престанат насилствата во земјата, а некои од нив не ја исклучија и воената интервенција. Британија повика на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, на кој ќе се разговара за Мјанмар.
Соединетите Американски Држави соопштија дека размислуваат за натамошно постапување против хунтата, додека Европската Унија соопшти дека стрелањето невооружени цивили претставува јасно кршење на меѓународното право.
Инаку, преку државен удар минатиот месец беше соборена избраната влада на Аунг Сан Су Ќи, која во исто време беше и притворена. Оттогаш па наваму стотици луѓе се уапсени, вклучувајќи и најмалку шест новинари. Пучот предизвика меѓународни критики и притисок, вклучувајќи и западни санкции кон водачите на хунтата.