ГЕВГЕЛИЈА

Општина Гевгелија доби десет нови контејнери за фрлање стаклена амбалажа. Во таа насока, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, и директорот на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, потпишаа договор за примопредавање на новите контејнери. Овој проект се реализира со поддршка на ЗЕЛС, на „Пакомак“ и на Германското друштво за интернационална соработка.
– Заедно со веќе поставените 20 контејнери во изминатиот период, се трудиме оваа услуга за граѓаните континуирано да ја подобруваме. Граѓаните ќе можат на 30 локации во населените места низ општината да го депонираат овој претходно селектиран отпад. Забележуваме дека навиките за селектирање на овој вид отпад не се на задоволително ниво, па затоа сме сведоци на расфрлени шишиња низ улиците или покрај контејнерите, покрај заложбите на комуналното претпријатие да ги расчисти. Сигурен сум дека со вака подобрена инфраструктура, која планираме да ја надградуваме и во следниот период, како и со зголемување на личната одговорност од секој поединец, ќе обезбедиме почиста и поубава слика за нашиот град и нашата општина. Со вклучувањето на општината во овој проект, сакаме да ги вклучиме и нашите граѓани кон градење одредени европските вредности, а пред сѐ создавање навики за селектирање стакло, хартија и друга амбалажа и нивно депонирање во контејнери утврдени за оваа намена – велат во Општината.
Ова, како што велат оттаму, ќе биде еден вид заедничка подготовка за намалување на вкупните количества отпад што наскоро ќе се депонираат во привремената депонија за комунален отпад, а потоа и во регионална депонија, што значително ќе ни помогне за намалување на трошоците за депонирањето на отпадот.
– Апелирам до граѓаните, стаклената амбалажа да ја фрлаат само во специјализираните зелени контејнери на 30-те утврдени локации – рече градоначалникот Сашо Поцков, по потпишувањето на договорот.