Одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „ТНТ“ на денешното рочиште побара изземање на судечкиот совет.
Барањето, како што образложија адвокатите, е поради тоа што специјалната обвинителка Катица Јанева дала изјава на национална телевизија дека има судии кои постапуваат по предмети на СЈО, а биле прислушувани. Одбраната на 26 март побарала од СЈО информација кои се прислушуваните судии, но досега не добиле одговор. По поднесувањето на ова барање на адвокатите, дадена е пауза за негово разгледување.
На рочиштето се присутни сите обвинети: поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.
Предметот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски. На денешното рочиште требаше да бидат слушани 16 аудио разговори од т.н. „бомби“ во врска со уривањето на комплексот „Космос“.
Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.