Некои сателитски снимки сугерираат дека Северна Кореја можеби се обидува да произведе повеќе плутониум за атомско оружје во својата главна нуклеарна централа откако лидерот Ким Јонг-ун во јануари вети дека ќе ги зголеми активностите во таа област, пренесува „АП“.
Агенцијата наведува дека американската интернет-страница „38 норт“, која ги следи настаните во Северна Кореја, објави оти снимките од нуклеарниот комплекс во Јонгбијон покажуваат дека електраната на јаглен во овој објект работи по приближно двегодишна пауза.
Се напоменува дека ова може да сугерира оти во тек се подготовки за обработка на плутониум потребен за нуклеарното оружје на Северна Кореја, но дека исто така може да значи оти централата се подготвува само за ракување со радиоактивен отпад.
Претходно, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, потврди дека некои нуклеарни централи во Северна Кореја продолжуваат да работат, што е очигледна повреда на важечките резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Плутониумот е една од двете клучни состојки за изградба на нуклеарно оружје заедно со високо збогатен ураниум.
Комплексот Јонгбијонг, северно од главниот град Пјонгјанг, има погони за производство на обете компоненти, но не е познато колку досега е произведено во овој комплекс и каде се складира, според агенцијата.
„Ројтерс“ известува дека во јануари Ким ветил оти ќе го зголеми својот нуклеарен арсенал и обелоденил низа високотехнолошки системи за оружје насочени против САД, со порака дека судбината на билатералните односи меѓу двете земји зависи од тоа дали Вашингтон ја повлекува својата непријателска политика кон Северна Кореја.