Криминалните организации во Италија исто така ги почувствуваа економските последици од пандемијата. Но, италијанската мафија веќе ги постави темелите за добивање масовен приход преку фондот за обнова на Европската Унија (ЕУ), пренесува „Блумберг“.
– Од март минатата година, мафијата започна да се инфилтрира во компаниите кои имаа големи економски загуби, во обид да дојде до парите од фондот за обнова на ЕУ, односно до 1,8-те трилиони евра што, делумно ќе започнат да се слеваат во фирмите оваа година – објаснува Маурицио Валоне, врвниот италијански истражител за организиран криминал.
Криминалните групи, како што е Ндрагета во Калабрија и Коза Ностра на Сицилија се обидоа да се инфилтрираат во фирми кои ќе бидат првите што ќе примат финансиска помош од ЕУ.
– Мафијата ги бира компаниите кои се најдобро пласирани да учествуваат во тендери за фондови за обновување, особено во здравствените и инфраструктурните сектори, каде ќе бидат потрошени многу пари. Мораме да се осигураме дека тие нема да добијат ниту едно евро – изјави Валоне за „Блумберг“.
Италија ќе биде најголемиот примател на средства за грантови од ЕУ. Мафијашките банди ја користат оваа можност за да им пристапат на малите и средни компании, кои поради карантинот беа очајни за помош. Бројот на сомнителни финансиски операции пријавени од страна на Банката на Италија минатата година се зголеми за 7 отсто, а тоа буди силнен сомнеж дека постои интерес за организиран криминал.
– Кога бизнисмените ќе дојдат до ниво да не можат да си ги хранат сопствените семејства, тие се пречекувани од страна на мафијата со раширени раце. Доколку Италија сака да ја заштити својата економија, треба да обезбеди подобри и поволни кредити. Лицемерно е да не помогнат и истовремено да ви се закануваат со даноци – смета Патриција Ди Дио од сицилиското бизнис-лоби „Конфекмерсио“.
Европската канцеларија за борба против измама, наречена „ОЛАФ“, ќе ги прикаже плановите за трошење од страна на земјите-членки, со цел да се осигури дека тие ги исполнуваат барањата за контрола и борба против измами. „ОЛАФ“ исто така ќе соработува со националните власти, вклучително и со Европол.
Валоне сака воведување на построги антимафијашки проверки на компаниите. Според предлогот што тој ќе го испрати до Министерството за внатрешни работи, антимафијашките истражители автоматски ќе ги следат трансферите на пари, како и соработниците и добавувачите за време на траењето на проектите.
Но, ваквите контроли можат негативно да се одразат врз земјата. Според извештајот на ЕУ, Италија искористила само 30,7 отсто од доделените средства на крајот на 2019 година, во споредба со искористените 66,2 отсто на Финска. Повеќе контроли ризикуваат запирање на парите за грантови од страна на ЕУ.