Најпрво во Сингапур, а сега и во Израел преку ЗД-печатачи се произведува месо за човечка употреба во индустриски погони со додавање т.н. „нутриенти“ од растително потекло, со кои „месото расте“ во биореактор. На овој начин се создава таканаречено лажно пилешко или телешко месо во кое практично нема месо, односно нема никакви животински состојки туку само мешавина на различни протеини од соја или грашок, маснотии од кокос, сончогледово масло итн. Колку ваквата нова храна е здрава и препорачлива за широка употреба и што ќе донесе за човештвото
НОВАТА ТЕХНОЛОГИЈА ЛАНСИРА И НОВИ ВИДОВИ ХРАНА
Технологијата полека, но сигурно навлегува во сите сфери од човековото живеење со нови изуми, кои на прв поглед изгледаат изненадувачки, па и вознемирувачки. По пронаоѓањето на 3Д-печатачи со кои може да се репродуцираат и печатат човечки органи, сега се најавува и печатење храна со едноставно кликнување на компјутер.
Деновиве израелска стартап-компанија насловена како „Редефајн мит“ најави дека планира да ги лансира своите т.н 3Д-отпечатени замени за месо на светскиот пазар.
Израелската фирма сака да го замени телешкото месо со производ именуван како „алт-стек“, произведен во индустриски печатен погон што би можел да се пeчати во количество од околу 100 килограми месо на час.
Според новинската агенција „Ројтерс“, „Редефајн мит“ за оваа намена собрала 23,9 милиони евра од донаторите Хаписи Капитал и Ханако Венчрс, со кои започнала изградбата на големите погони и фабрики за оваа производство.
– Лажниот стек е богат со протеини и е од растително производство, направен од протеини од соја и грашок, маснотии од кокос и сончогледово масло и во него нема холестерол – информира „Ројтерс“.
Извршниот директор на компанијата, Ешхар Бен-Шитрит, напоменал дека тие се надеваат дека кај луѓето ќе го променат ставот дека вкусните меса може да се добијат само од животни.
– Ги имаме сите неопходни компоненти за да го направиме проектот реалност. Нашето произведено „месо“ кога ќе се спореди со она што е добиено од животните сега е комплетно со истиот состав – изјави Бен-Шитрит.
Според најавите во медиумите, Израел во иднина планира со овие свои продукти да навлезе на пазарите во Европа, започнувајќи од Германија и Швајцарија, но и да се прошири со продажба во Азија и во Северна Америка.
Според процените на едно истражување насловено „Сојузнички истражувања на пазарот“, глобалниот пазар за замена на месо со алтернативни продукти би можел да достигне вредност од 8,1 милијарди долари до почетокот на 2026 година.
Претходно, пак, „Евроњуз“ информира дека на сличен начин, но само во Сингапур, веќе се произведува пилешко месо, кое потоа легално може да се продава на пазарите и продавниците.
Според медиумот, Сингапур со крајот на 2020 година стана првата држава во светот што ја легализирала комерцијалната продажба на месо произведено и израснато во лабораторија.
Интернет-порталот „Екоинсајт“ соопшти дека ова лабораториско месо што се продава во Азија има свој прекар и е познато како „чистото месо“ и тоа се произведува на тој начин што се одвојуваат клетки од животното преку биопсија, а потоа со генетски инженеринг на клетките во специјализирани лаборатории им се додаваат т.н. „нутриенти“, супстанции што се од растително потекло, со кои месото „расте“ во биореактор.
Од македонска перспектива на ваквите случувања, упатените нутриционисти и доктори велат дека новитетите во исхраната не секогаш се добри за здравјето на граѓаните и ние треба да сме претпазливи со употребата ако тие стигнат на нашиот пазар.
Која е заднината на ваквите проекти
Нутриционистката Цветанка Динева вели дека остро се спротивставува на луѓето што се обидуваат да произведат и да продадат ваков тип храна.
Нутриционистката вели дека луѓето се дел од природата и тие треба да се хранат директно од природата, а не да измислуваат замени на прехранбени производи што се изработени во лаборатории и произведени во погони.
– Последниот пример во Израел е само еден од редицата, кои, за жал, добија динамика во светот во последно време. Јас мислам дека овие процеси сега се активни бидејќи компаниите се единствено алчни по пари. Ваквата храна испечатена од печатач или израсната во лабораторија никогаш нема да го пополни недостигот од храна во светот. Тоа никогаш не било цел ниту ќе биде цел на овие фирми. Заднината на процесите не е хумана, а доказ за оваа моја констатација е дека неколку декади по измислувањето на ГМО-храната, која е исклучително штетна и забранета во ЕУ и во Македонија, таа никогаш не успеа да стигне до гладните во Африка – објаснува нутриционистката.
Динева вели дека општествата во светот сега треба да реагираат и да се даде правичен одговор за да се спречи производството на ова месо од лабораторија.
Светот се движи во погрешен правец
Слично размислува и нутриционистот и физиотерапевт Ненад Попоски, кој во својот осврт на случувањата вели дека во моменти кога живееме со опасностите од ковид-19 луѓето треба да го избегнуваат консумирањата храни што не се добри по нашето здравје или кои се од сомнително потекло.
Попоски мисли дека светот се движи во погрешен правец, во кој индустријата за производство на храна се обидува да произведе нови форми на зеленчуци, овошја и месни производи, кои имаат потенцијал да бидат многу штетни по здравјето на луѓето.
– Во оваа група на храни што би требало да ги избегнуваме верувам дека влегуваат вештачкото месо и генетски модифицираните овошјата и зеленчуци. Јас се залагам дека луѓето треба редовно да консумираат органска храна произведена во нашата земја и да се избегнуваат производите во продавниците што се сомнителни или увезени од држави надвор од ЕУ – вели нутриционистот.
Тој напоменува дека на човековиот организам, за да може подобро да се справи со заканите од болести, му се потребни големи количества овошје и зеленчук што се одгледуваат на секој чекор во Македонија.
Нутриционистот напоменува дека истовремено за здраво тело треба да консумираме и мед и големи количества сокови добиени од цедење зеленчуци и овошја.
Попоски констатира дека само со правилна исхрана и вежбање ќе успееме да си го одржиме организмот здрав и да не придонесеме да ги зголемиме килограмите, кои се пак дополнителен здравствен товар во лекувањето ако се заразиме од ковид-19.
Новата храна под безбедносна лупа
Докторката Дијана Давитковска вели дека иако оваа храна сѐ уште не е присутна во Македонија, засега нема медицински докази дека би можела или не би можела да биде штетна за луѓето.
Докторката верува дека институциите во нашата држава ќе го проверат безбедносниот импакт врз овие т.н. нови храни и нови технологии пред да почнат да се употребуваат во Македонија, најверојатно врз примерот со досегашните искуства со ГМО-храната.
Давитковска советува дека луѓето во овие моменти кога се бориме со коронавирусот би требало да се хранат многу редовно и здраво и да внесуваат во себе многу витамини и да пијат течности што се добри за човековиот имунолошки систем.
Не стивнуваат полемиките и за ГМО-храната
Употребата на генетски модифицираната храна е забранета во Македонија, но и во Европската Унија, а е дозволена за употреба во САД, додека полемиките околу потенцијалната штетноста на овие прехрамбени производи и натаму го тресат светот.
Додека големите компании во светот како „Монсанто“, на пример, заработуваат милијарди од производството на ГМО-храна и тврдат дека е безбедна за консумирање, сѐ повеќебројни се и научните истражувања што го покажуваат спротивното. Иако науката сѐ уште не докажала ништо конкретно, за многумина самиот збор генетски модифицирана храна влева страв кај луѓето од можни непредвидени последици врз здравјето на сите нас.
Професорот Зоран Поповски, кој ја координира работата на лабораторијата за ГМО на Земјоделскиот факултет, вели дека контролата на храната е повеќе од потребна за заштита на здравјето на населението во државата.
Тој вели дека за подобра состојба по ова прашање, државата треба да обезбеди повеќе финансии за контрола на ГМО, за да спречи бум на ваквите производи во земјава.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека мониторингот на квалитетот на храната од животинско и од растително потекло се врши заради утврдување на степенот на исполнување на барањата во законот за квалитет и безбедноста на истата таа.
Што е 3Д-печатач и каде се применува
Уредите што извршуваат тродимензионално печатење, или познати во јавноста како 3Д-печатачи, се крикот на модерната технологија во денешницата. Станува збор за супермодерни машини што имаат способност да произведат волуметриски производ добиен од страна на тродимензионална компјутерска скица за предметот што го печатат.
Употребата на овие машини во светот константно се зголемува и тие наоѓаат своја примена секаде, од медицината до индустриските гранки.
Во своја информација на оваа тема „Дојче Веле“ пишува дека неодамна германските научници успеале да создадат електричен автомобил што бил креиран од страна на 3Д-печатач, но и да креираат делови од човечкото тело.
Гинтер Финкенцелер од Универзитетската клиника во Фрајбург за медиумот изјавил дека тамошните научници, користејќи хидрогел како материјал за печатачот, успеале да ги испечатат и првите човечки коски и крвни садови од рака.
Тој напоменал дека сепак станувало збор за иновација, а во периодот што следува, универзитетот ќе работи на проучување на начините како овие т.н. испечатени делови од човечкото тело успешно и безбедно да ги поврзе со постојните во човековиот организам.