Податоците за вашите нарачки, информациите за вашата кредитна картичка, дури и вашите интимни здравствени информации би можеле да бидат во ризик. Компанијата за онлајн-трговија „Амазон“ создава империја на подотоци, но напорите за заштита на информациите што ги собира се несоодветни, според инсајдерите во технолошкиот гигант, кои предупредуваат дека недостатоците во безбедноста ги изложуваат информациите на корисниците на можно разоткривање, кражба и злоупотреба, пишува „Политико“.
Предупредувањата за приватноста во „Амазон“ доаѓаат од тројца поранешни вработени во безбедносниот сектор на компанијата поврзан со информациите за корисниците. Еден од нив е од Европа, додека двајца се од САД. Тие во изјава за „Политико“ кажале дека во повеќе наврати се обиделе да го предупредат водството на компанијата со седиште во Сиетл, САД, за ваквата состојба, но биле тргнати настрана или отстранети од „Амазон“, во како што наведуваат, професионална одмазда.
Поранешниот вработен од Европа го оспорува отказот од „Амазон“ преку европските судови, а сите тројца инсајдери инсистирале да останат анонимни поради стравувањата од последиците, односно од потешкотиите при наоѓањето нова работа.
Нивните сведоштва составуваат слика за корпоративната култура во „Амазон“ за која велат дека му дава приоритет на развојот во однос на другите прашања како што се информациите за клиентите, почитувањето на правилата осмислени за заштита на податоците и кариерите на оние кои се вработени за да ги пријават ваквите проблеми.
– Замислете ако компанија со обемот на „Амазон“ има нарушување на безбедноста. Податоците на милиони луѓе би можеле да бидат доведени во ризик – вели еден од поранешните вработени во „Амазон“.
Гласноговорник на „Амазон“, пак, истакна дека одржувањето на довербата на клиентите преку чувањето на нивната приватност и осигурувањето на безбедноста на нивните податоци е „долгорочен врвен приоритет“ на компанијата.
– Овие непрецизни, неиздражани и стари тврдења не ја одразуваат нашата посветеност кон чување на безбедноста на личните информации. „Амазон“ има етаблирана приватност, безбедносни политики, процедури и технологии кои се воспоставени. Ние редовно ги проверуваме нашите сервиси за да осигуриме почитување на прописите и имаме нулта толеранција за вработените кои не ги почитуваат нашите политики – истакна претставникот на „Амазон“.
Во време кога законодавците и властите го насочуваат вниманието кон технолошките компании од двете страни на Атлантикот, жалбите од вработените веројатно ќе го привлечат вниманието и на регулаторите. „Амазон“ досега се соочи со обвинувања за постапувањето со вработените, додека прашањето за справувањето на компанијата со податоците беше во втор план.
„Амазон“ е една од најмоќните технолошки компании кога станува збор за податоците, поради информациите за клиентите кои ги собира преку платформата за електронска трговија, бизнисот за онлајн-маркетинт ги интернет-сервисите. Податоците кои „Амазон“ ги држи би можеле да бидат искористени за уцени, закани, измами или хакерски напади доколку паднат во погрешни раце. А тие отвораат и прашања за тоа кои корпоративни вредности се ценети, во поглед на брзиот подем на „Амазон“ кој стана доминантен играч во онлајн-трговијата, заклучува „Политико“.