Најдобрите македонски одбојкари вчера во Скопје ја започнаа втората, финална фаза од подготовките за квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2019 година, чија завршница во септември 2019-та ќе се одвива во четири земји – Холандија, Белгија, Франција и Словенија.
Македонија е во групата Ф со селекциите на Украина, Унгарија и на Швајцарија.
Првиот дел од подготовките македонските одбојкари ги реализираа во Маврово, од 20 јули до 3 август, каде што се работеше на општофизичка подготовка. По краткиот одмор тренинзите продолжуваат во Скопје, со акцент на тактичко-техничките финеси и на уигрување на тимот.
Македонската репрезентација има и нов селектор, тоа е Србинот Никола Матијашевиќ (65), поранешен репрезентативец на СФР Југославија и поранешен селектор на БиХ и на Црна Гора. Моментално тој е тренер на францускиот прволигаш Рен.
На подготовките во Маврово и во Скопје, Матијашевиќ на располагање ги има(ше) одбојкарите што настапија во годинашното издание во „сребрената“ Европска лига, плус засилувањата во плејмејкерот Филип Деспотовски и во коректорот Александар Милков.
До првиот меч на гости против Унгарија, следната среда, на 15 август, Македонија ќе одигра една контролна средба против Албанија, на 10 август, како и уште два тренинг-меча од затворен карактер. По гостувањето во Унгарија, на ред се два меча во Скопје, против Украина (18 август) и против Швајцарија (22 август). Првиот дел од квалификациите Македонија го завршува со гостувањето на Швајцарија, на 25 август.
Завршните два натпревара се на почетокот од следната, 2019 година, на гости против Украина (5/6 јануари) и дома против Унгарија (9 јануари). Првопласираната репрезентација од оваа и од другите шест групи ќе се квалификува за завршниот турнир (првпат со 24 селекции), како и петте второпласирани со најдобар резултат.
Македонија има шанси да се најде во завршницата на ЕП првпат во историјата, но само ако одигра многу подобро отколку во „сребрената“ Европска лига, во која, наместо триумф, беше последна, четврта на финалниот турнир во Скопје, во јуни.