Предметот за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“ денеска треба да продолжи со завршни зборови на одбраната во Основниот кривичен суд во Скопје.
Судењето за „Таргет-Тврдина“ почна на 22 декември 2017 година. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов се застапници на обвинението.
Во завршните зборови на минатото рочиште, обвинителството посочени дека успеало да докаже оти обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни. Агенцијата за национална безбедност останува на имотно-правното побарување од 1.418.897 евра, како што истакна нејзиниот претставник.
Во предметот „Таргет-Тврдина“, обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.