Сараево – Еврокомесарката за внатрешни работи задолжена за миграција, Илва Јохансон, утре ќе ги посети Албанија и Босна и Херцеговина, за да дискутира за ситуацијата со бегалците во овие две земји. Целта на посетата, како што најавија од Европската комисија, е да се разговара за соработката со овие две земји во областа на миграцијата и системите за управување со миграцијата. Околу осум илјади бегалци се наоѓаат во Босна и Херцеговина, од кои шест илјади во кампови финансирани од ЕУ, оценува Брисел. („24 часа“)

Тирана – Болниците во Тирана се полни, а Драч и Скадар ги примија првите ковид-пациенти. Четирите ковид-болници во Тирана, со капацитет од 550 легла, се речиси целосно исполнети. Бројот на болничките капацитети се зголеми за 630 легла. Во Албанија досега починаа над 1.500 луѓе од коронавирус. („Алсат“)

Софија – Околу 30 отсто од бугарските хотели нема да се отворат летово. Од вкупно 17.000 сместувачки капацитети во земјата, само околу 8.000 најавиле дека ќе работат во текот на летните месеци, бидејќи работат според таканаречениот „индустриски принцип“, односно со нискобуџетните авиокомпании, кои се едни од најпогодените од пандемијата, изјави Румен Драганов, претседател на Конфедерацијата на бугарскиот туристички бизнис.
Тој вели дека во тековната зимска сезона има пад од 60 отсто во споредба со 2019 година. Бугарија годинава бележи пад од 70 отсто на странските туристи.


Бисер балкански

Веледрогерии со кредити!

– Кога зборуваме за болниците, зборуваме за роковите за плаќање што ги надминуваат минимално шест пати со закон дефинираните рокови. Замислете по една година да добиете плата, како ќе функционирате? Ние функционираме благодарение на кредитните институции, но и нашата кредитна способност има крај. За секое зголемување на долгот доаѓаме до состојба кога не можеме да ги сервисираме своите обврски кон доставувачите – рече Диана Перцаќ, претседателка на Здружението на веледрогерии во Хрватска, за сѐ поголемите долгови што болниците и здравствените институции ги имаат за испорачаните, а ненаплатени лекови.
На прес-конференцијата во Загреб беше соопштено дека вкупниот долг на болниците и на здравствениот систем во Хрватска на крајот на јануари 2021 година надмина над 5,2 милијарди куни, пренесува ХРТ.