Хрватска

Премиерот Андреј Пленковиќ најави можност Хрватска да ја увезе руската вакцина „спутник V“ против коронавирусот.
– Сега разговараме со Хрватската агенција за лекови што можеме правно да направиме, почитувајќи го законодавството на ЕУ. Кога ЕМА ќе одобри, ќе може да се користат овие вакцини и во Хрватска. Треба само да бидеме сигурни во однос на јавното здравје – рече Пленковиќ.
Тој рече дека испораката на вакцини во Хрватска ќе биде забрзана во текот на март кога би требало да пристигнат 600.000 нови дози, пренесе Радио Слободна Европа.
Од понеделникот во Хрватска се во сила олеснети епидемиолошки мерки – кафулињата почнуваат да работат со тоа што ќе продаваат пијалаци „за носење“. Ќе можат да работат и спортски сали, фитнес-центри и училишта за странски јазици, детски игралишта и работилници, клубови за автомати, казина и обложувачници.