ФУДБАЛ, ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Секогаш имам доверба во играчите, изјави тренерот на европскиот вицепрвак Пари сен Жермен, Маурицио Почетино, за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), пред вечерашниот прв осминафинален натпревар на гости против Барселона, во Лигата на шампионите (ЛШ). Почетино (48), кој зимава се врати на „Паркот на принцовите“ како тренер, првпат дојде во ПСЖ пред 20 години, од Еспањол, како централен дефанзивен играч во средниот ред.
– Бев доста агресивен играч, не многу технички надарен, но психолошки бев многу силен. Тогаш имавме одличен состав, со многу талентирани играчи, но во исто време во клубот имаше голема нестабилност, што оневозможи да се искористат квалитетите на тимот и да се постигнат поголеми успеси – се сеќава на тие времиња Почетино.
ПСЖ минатата година за малку не стана европски шампион, за што клубот сонуваше 50 години и во финалето загуби од Баерн (0-1).
– Треба да одиме чекор по чекор и треба да имаме предвид дека ќе биде многу тешко. Првата пречка е Барселона со Роналд Куман. Сега, по седум месеци, тој ги спроведе своите идеи во практика и тимот знае што очекува тренерот од нив. Гледам солиден тим, со неколку јасни идеи и со неверојатни фудбалери. Тим што знае да се натпреварува, што е создаден да победува – истакнува Почетино.

Во вториот вечерашен дуел, Лајпциг се среќава со Ливерпул на неутрален терен, во Будимпешта. Вниманието на фудбалска јавност е фокусирано кон тренерите на двата тима, Германците Јирген Клоп, кој со Ливерпул стана првак на Европа во 2019, и Јулијан Нагелсман, кого го сметаат за еден од најперспективните млади стручњаци во Европа и во светот. Тој со 33 години е најмладиот од сите тренери/менаџери на тимовите осминафиналисти. Лани со Лајпциг играше во полуфиналето на ЛШ, сезонава во групната фаза го елиминира Манчестер јунајтед. Тимот што тој го предводи последниве години стана еден од најголемите ривали на неприкосновениот Баерн во Бундес-лигата. Тој во ексклузивното интервју за британски „Телеграф“ нагласува дека сака неговиот тим да игра „добар фудбал, да забавува“, но и дека победата е најважна.
– Никогаш нема да го менувам мојот офанзивен и напаѓачки фудбал, затоа што го сакам и сакам кога навивачите поминуваат убави моменти на стадионот. Но ако дојде време да не можам да победувам на ваков начин, тогаш ќе мора да се сменам – вели Нагелсман за својата тренерска филозофија.

– Тоа е како да цртате слика. И се надевам дека ќе дојдам до вистинските информации за да можеме да победиме. На пример, пред шест или седум години, Клоп во едно интервју изјави дека контрапресингот е неговиот број 10 и затоа мора да внимаваме на тие ситуации – истакнува Нагелсман.
Што се однесува до тактиката, Нагелсман вели дека е важна, но и дека сочинува само „30 отсто“ од тренерскиот успех.
– Остатокот е работата со играчите. Понекогаш имате момци што сакаат да учат секој ден за тактиката, но на крајот односот со нив е многу поважен. Тие се со различни карактери, желби, некои сакаат успех, некои само пари. Тие учат по нешто од мене, јас од нив – вели Нагелсман.