Винарницата „Стоби“ годишно остварува продажба од 4,5 милиони литри вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот
Традиционално закројување винова лоза во винарницата „Стоби“
По повод празникот Свети Трифун, во винарницата „Стоби“ по 12-ти пат се одржаа традиционалното закројување и осветување на виновата лоза во текот на вчерашниот ден. Оваа година, за разлика од претходните, поради мерките за заштита од ковид-19 и здравствено-безбедносните протоколи, на традиционалното закројување на лозјето изостануваше масовното присуство на граѓани, кои со исклучително квалитетно вино, богата трпеза и убава музика се традиција и белег на закројувањето во винарницата. Овој пат педантно, одмерено и дискретно, но со висока доза на духовност и посветеност кон виното и филозофијата на „Стоби“, закројувањето се одржа во присуство на сопственикот со блиското семејство и раководниот тим на винарницата.
– И покрај снежните наноси што паднаа во нашата земја, и оваа година ја одржуваме традицијата на закројување и осветување на лозјата. Ова е 12-та година по ред откако е оформена винарницата „Стоби“. Се надеваме на бериќетна година благодарение на снежните наноси, кои ќе обезбедат доволно влага во почвата – кажа Никола Деребанов, генерален директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“, за винарницата „Стоби“, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар“.
Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепак, винарницата „Стоби“ со желба да ја одржи оваа традиција, годинава организира онлајн забава за Денот на виното и истата таа ја донесе до домовите на љубителите на виното преку шоу со музика и забавен дел, кое се емитуваше на нивната фејсбук-страница во текот на вчерашниот ден, со почеток во 19 часот. За оваа виртуелна забава беа задолжени Дац и Александар, Тамара Тодевска и Атанас Атанасовски.
Винарницата „Стоби“ годишно остварува продажба од 4,5 милиони литри вино годишно, од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари во регионот и светот. Најголеми извозни пазари се Кина, САД и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европските држави Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.
– Македонија е винска земја, со површина на вински лозови насади од 29.213 хектари и, секако, со историја и традиција на одгледување винова лоза и производство на вино на овие простори. Иако во делот на производство на вино од 2005 година наваму започна т.н револуција во винскиот сектор во земјава, пред сѐ со приватизацијата на дел од винарниците, инвестирањето во нова технологија и отворањето нови, модерни винарници, сепак целосниот потенцијал на земјата сѐ уште не е искористен.
Податоците покажуваат дека се движиме во добра насока, доколку земеме предвид дека во 2005 година само 10 отсто од вкупното производство на вино се пласирало на странските пазари како амбалажирано, и тоа пред сѐ во регионот, а остатокот како наливно вино без додадена вредност, а денес сме стигнати до количество од 36 проценти на вино во шишиња. Факт е дека 57 проценти од вкупното количество се извезува како наливно вино, кое во иднина се гледа како потенцијал да биде амбалажирано и да се извезува со додадена вредност, што ќе придонесе кон целокупен раст на секторот, зголемување на вредноста како на виното така и на грозјето како суровина, но и повисоки девизни приливи во земјата – посочи Деребанов.