Многу поголемо внимание од бројката на набавени вакцини и онаа на вакцинираните во хрватската јавност привлече веста дека во Хрватска досега против коронавирусот се вакцинирале многу повеќе лица што немаат такво право во овој момент. Што би се рекло, оние што немаат приоритет за вакцинирање го сториле тоа прекуред, одземајќи му ја можноста за вакцинирање на некој чиј живот е загрозен

Во сенка на потресите, кои речиси секојдневно дополнително ги загрижуваат жителите на Петриња и околината, но и на цела Хрватска, тукашните граѓани деновиве беа погодени од еден поинаков потрес, кој ги извади на површина сите валканици на едно општество. Имено, иако со одлука на Националниот штаб на Цивилната заштита од денеска во цела Хрватска започнува новиот бран олеснувања на епидемиолошките мерки, сепак фокусот на јавноста е насочен кон вакцините во кои граѓаните гледаат спас и излез од ситуацијата што ги притиска речиси цела година.

Како да се најдете „случајно“ во болница кога има вишок вакцини

Самиот процес на вакцинирање на населението уште од неговиот почеток го обележуваат низа информации што потврдуваат дека некои луѓе тешко се ослободуваат од она што многумина сакаат да го наречат „балкански синдром“, но и да прикажат дека се случува на некои други места, а не и овде. Очигледно луѓето тешко се откажуваат од некои грди навики.
Имено, многу поголемо внимание од бројката на набавени вакцини и онаа на вакцинираните, во хрватската јавност привлече веста дека во Хрватска досега против коронавирусот се вакцинирале многу повеќе лица што немаат такво право во овој момент. Што би се рекло, оние што немаат приоритет за вакцинирање го сториле тоа прекуред, одземајќи му ја можноста за вакцинирање на некој чиј живот е загрозен.
Тукашните медиуми укажуваат дека први се вакцинираа претставници на Владата, како и некои застапници во Саборот, иако повеќето од нив, според утврдените критериуми, немаа право на тоа. Се тврди дека некои од нив се вакцинирале иако неодамна прележале ковид-19.

Сѐ уште правта за ваквата информација не беше слегната, јавноста со право се крена уште еднаш, овој пат уште погласно. Имено, прекуред се вакцинираа ректорот на загрепскиот универзитет, Дамир Борас, и неговата сопруга, кои наводно „случајно“ се нашле во болницата токму кога се вакцинирале здравствените работници и кога повторно „случајно“ се појавил вишок од две вакцини.
Од оние што се вакцинирале прекуред, во очи паѓа и името на Зоран Гобац, потпретседател на Хрватскиот ракометен сојуз, како и на претседателот на Хрватската стопанска комора, Лука Буриловиќ. Меѓу оние што случајно се нашле на местото на вакцинирање, а токму тогаш се појавила вишок вакцина, пак, се најде и 84-годишната мајка на Алемка Маркотиќ, а воопшто не била на ред на списокот за вакцинирање. Интересно е да се слушне како постарата госпоѓа сосема „случајно“ се нашла во потребниот момент во клиниката што ја раководи нејзината ќерка, за токму таа да ја прими „вишокот“ вакцина.
И не би било ништо страшно, се случувало и ќе се случува ова, затоа што луѓето наоѓаат илјадници начини за токму тие да дојдат до она што сите го посакуваат, но овој пат ситуацијата е многу посложена, бидејќи Хрватска сѐ уште го нема доволниот број вакцини, поради што не се вакцинирани сите тешко болни, постарите од 65 години, па дури ниту сите здравствени работници според утврдениот распоред. Токму затоа, случајот со докторката Маркотиќ и нејзината мајка стана омилена тема на хрватските медиуми.

Кога ќерката лошо ја брани мајката

– Некоректно е што сега ја растегнавте темата во медиумите, но тоа е ваше право. Сакам да се знае дека добив неброено многу пораки од луѓе што бараа услуги прекуред за своите родители и своите блиски. Во клиниката можеа да дојдат вашите родители, како и мајка ми. За сето ова ќе ѝ одговарам на својата клиника. Над мене постојат оние што треба да водат грижа за тоа дали мојата клиника е во ред и ним ќе им одговарам – изјави Маркотиќ.
Таа објаснува дека мајка ѝ се нашла во клиниката токму во моментот кога се вакцинирале нејзините вработени и дека во еден момент се утврдило дека има вишок вакцини, по што дополнително се вакцинирале неколкумина постари луѓе и здравствени работници. Според нејзините зборови, постарите луѓе биле со низа хронични болести, половината со карцином, а некои од нив со сериозна анамнеза на алергиски лекови во минатото. Меѓу нив била и мајка ѝ, со повеќе хронични дијагнози, неодамна оперирана, па докторката тврди дека не гледа причина зошто да не се вакцинира.

На крајот, Маркотиќ се обиде да се извади, но неуспешно. Имено, сакајќи да ја префрли топката на друга страна, изјави дека меѓу новинарите што секојдневно ја следат работата на Кризниот штаб има и такви што молеле да се вакцинираат нивните родители, блиските или тие самите. Но кога новинарите инсистираа да каже кои се тие, Маркотиќ остана безгласна.
Овие случаи како да беа доволно провокативни за граѓаните да излезат во медиумите со своите проблеми и лоши искуства, барајќи одговорност од надлежните. Меѓу првите се огласи Јасна Карачиќ, претседателка на Здружението за унапредување на правата на пациентите.
– Воопшто не можам да верувам дека се случува ова на што сведочиме секојдневно. Шокирана сум од бројката на барања на граѓаните, на пациентите што непрекинато ме бараат, мобилниот не престанува да ѕвони. Станува збор најчесто за онколошки пациенти, хронично болни од постара возраст, дури и повеќе од 75 години, кои не можат да дојдат до вакцина. Сите ги гледаме двојните критериуми, двојните стандарди, што е апсолутно недопуштено – вели таа, укажувајќи дека токму на примерот на лицата што се вакцинираа прекуред се потврдува дека нема ниту добра стратегија, ниту пак лекарите од општа медицина фрлени во оган може самите да се справат со новонастанатата ситуација без помош на повисоките инстанци.

И, како што и се очекуваше, темата одеднаш ја потфатија политичарите и таа стана уште попривлечен и поинтересна за медиумите. Опозицијата во собранието без пардон побара оставка на Националниот штаб на Цивилна заштита, при што поименично за пропусти го обвинија министерот за здравство Мили Берош, како и Крунослав Цапак и Алемка Маркотиќ. Ги обвинија за вакцинирање на припадници на политичката и општествена елита прекуред, но и воопшто, за состојбата во здравството. Како што е обичај во вакви ситуации, паднаа и тешки зборови, но, севкупно гледано, целата оваа врева ги покажа на дело слабостите на системот. Многумина се прашуваат што и како понатаму.
Очигледно е дека штабот на ЦЗ ги изгуби својот кредибилитет и довербата на обичните граѓани. Истовремено, станува видлив недостигот од вакцини, што пак ја исфрла на површина снаодливоста на поединци со добри врски, кои сепак може да дојдат до „својата“ вакцина за разлика од обичните смртници, кои може само да чекаат и да ѝ се препуштат на судбината.
– Гледаме дека довербата е изгубена. Еднаш во кризна ситуација кога ќе се изгуби доверба, тоа е ненадоместливо. Нема веќе ниедно лице што би можело да им верува на овие луѓе. А тоа е опасна ситуација, бидејќи ги доведува во прашање општата безбедност и здравјето на граѓаните. Како сега да продолжиме понатаму, да ги следиме мерките, ако граѓаните веќе немаат доверба во нив – заклучува Јасна Карачиќ.

Ангел Митревски Специјално за „Нова Македонија“ од Сплит